Џеф Безос ѝ нуди на НАСА 2 милијарди долари во замена за договор за мисија на Месечината

Photo by Alexander Andrews on Unsplash

Освежен по своето прво патување во вселената, милијардерот Џеф Безос ѝ понуди на НАСА да ги покрие трошоците во висина од 2 милијарди долари доколку американската вселенска агенција се одлучи да потпише договор со неговата компанија „Блу Ориџин“ да го создаде вселенското летало кое ќе ги однесе астронаутите на Месечината, јавува Гардијан.

Ваквиот предлог на Џеф Безос доаѓа откако во април годинава НАСА потпиша договор од 2,9 милијарди долари со компанијата „Спејс Екс“ на Илон Маск, која ќе треба да изработи вселенско летало кое ќе ги донесе астронаутите на површината на Месечината веќе во 2024 година. НАСА тогаш ја одби понудата на „Блу Ориџин“.

При доделувањето на договорот на компанијата на Маск, НАСА го образложи договорот со сопствените недостатоци за финансирање, докажаната историја на „Спејс Екс“ со досегашните мисии, како и други фактори што доведоа да склучување на договорот.

Во најновото писмо на Џеф Безос до НАСА, тој ветува дека неговата компанија ќе се откаже од плаќањата во тековната фискална година на владата, и тоа до сума во износ од 2 милијарди долари, а ќе плати и за планираната мисија на Месечината, за да си ја провери својата технологија. Во замена, „Блу Ориџин“ ќе прифати договор со фиксна цена и би ги платила сите надминувања на трошоците за развој на системот. Од конкурентската компанија „Спејс Екс“ засега не ја коментираат понудата.

Инаку, пред да го избере „Спејс Екс“, НАСА побара понуди за изработка на вселенско летало кое би ги однело астронаутите до површината на Месечината во рамките на својата програма „Артемида“, која би ги вратила луѓето на Месечината за прв пат по 1972 година.