fbpx

Кој е Никола Ивановски, новиот и „најбрзиот“ претседател на Уставниот суд во историјата

-

Никола Ивановски е новиот претседател на Уставниот суд, кој денеска на колегиумот на судот е избран со двотретинско мнозинство. Тој ја наследи Елена Гошева, чиј мандат завршува на 1 ноември.

Ивановски, кој важеше за фаворит на Гошева, за уставен судија е избран во 2012 година.

Новиот претседател на Уставниот суд, Никола Ивановски, пред да стане член на судот (1 јуни 2012 година), својата кариера ја почнал во 1984 година како приправник и стручен соработник во Окружниот стопански суд во Скопје. Четири години подоцна, како што може да се види од неговата биографија, станал истражен и извршен судија во Основниот суд Скопје 1.

На ова место се задржал до 1996 година, кога почнал да работи како адвокат во адвокатска канцеларија во Скопје. Во 1999 година е именуван за кривичен судија во Основниот суд Скопје 1 и оваа функција ја извршувал до август 2008 година, кога е избран за член на Советот на јавни обвинители.

Истата година за член на Советот на јавни обвинители е избрана и досегашната претседателка на Уставниот суд Елена Гошева, која две години подоцна станува и претседател на Советот. Гошева и Ивановски во иста година (2012 г.) се избрани за судии во Уставниот суд. Гошева во мај, Ивановски во јуни.

Ивановски годинава беше судија известител по иницијативата за оценка на уставноста и на законитоста на измените на Законот за помилување од 2009 година, со кои на претседателот на државата му се забранува да помилува лица осудени за изборни нерегуларности, педофилија, трговија со дрога и дела против човештвото. Предлогот за одлучување по иницијативата, судијата Ивановски експресно го стави на дневен ред на седница на Уставниот суд. Како што пренесоа дел од медиумите, предлогот на Ивановски е најбрзо донесената одлука во историјата на Уставниот суд. На 16 март, судиите со мнозинство гласови ги укинаа измените на Законот и повторно му овозможија на претседателот на државата да помилува лица за изборни нерегуларности.

– Според Законот, законодавецот не дал објаснување зошто токму за наведените кривични дела не може да се даде помилување. Да не се разбереме погрешно, општествената опасност од сторителите на овие кривични е неспорна. Но, само за 4 глави од 35, не е предвидено помилување. Ова, според мене, е една апсурдна ситуација бидејќи за сите кривични дела може да се дава помилување и не може да се ограничуваат осудените лица за кои кривични дела може или не може да бараат помилување – рече тогаш Ивановски, при изнесувањето на својот реферат на седницата на Уставниот суд.

Укинувањето на овие членови од Законот беа увертира во одлуката на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април годинава, за помилување на 56 политичари и нивни соработници.

Опозицискиот СДСМ, на 15 март го обвини судијата Ивановски дека кај него постои „многу повеќе од конфликт на интереси“ за да може да одлучува законски и непристрасно. Петре Шилегов на прес-конференција обвини дека против братот на судијата Ивановски, Илија Ивановски, во 2013 година е поднесена кривична пријава врз основа на член 398 од Кривичниот законик, што подразбира казна за неовластено организирање комар или друга игра на среќа што е забранета.

„До денеска, иако поминаа три години, за оваа кривична пријава не се знае ништо. Каде е заглавена кривичната пријава за Ивановски три години? Јавноста со право прашува дали намерно се држи во нечија фиока кривичната пријава за да се испорачуваат партиски налози од ВМРО-ДПМНЕ? Кај судиите Гошева и Јован Јософовски постои конфликт на интереси. Очигледно кај судијата Ивановски постои многу повеќе од конфликт на интереси“, изјави Шилегов тогаш.

Од анкетниот лист на судијата Ивановски, депониран во Државната комисија за спречување на корупција, може да се види дека тој, како личен имот, поседува барака и два стана од 147 и од 48 квадратни метри во Скопје, кои ги стекнал како наследство. Тој поседува два автомобили, „шкода јети“ и „фолксваген пасат“, а од банкарски депозити, во анкетниот лист стои дека има нула денари на трансакциската сметка и има кредит од 1,1 милион денари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Задолжителна стерилизација, гробишта за миленици, полиција за животни – новиот предлог закон влезе во Собрание

Сопствениците на кучиња и мачки ќе бидат должни да ги стерилизираат своите миленици, освен во случај ако се регистрирани како одгледувачи или одгледувачници. Регистрираните одгледувачи и одгледувачници ќе бидат...