fbpx

Антикорупциска ќе бара распуштање на Советот на општина Карпош поради ДУП-от за „Пуцко Петрол“

ДКСК ќе бара распуштање на општинскиот совет од Карпош поради тоа што во два наврати донеле детален урбанистички план за идентичната градска четврт кој бил поништен од страна на Уставниот суд

-

Антикорупциската комисија ќе достави до Министерството за локална самоуправа претставка за понатамошно постапување за распуштање на Советот на општина Карпош во согласност со членот 75, став 1, точка 1 од Законот за локална самоуправа поради тоа што во два навратa го донеле Деталниот урбанистички план за градската четврт 3 04, а истиот бил поништен од Уставниот суд.

Во спорниот ДУП била впишана маркичка за изградба на бензинска станица кај хотелот „Александар Палас“, а парцелата прво била купена од „Пуцко петрол“, но компанијата потоа не можела да го изгради објектот на предвидената локација, бидејќи под него минувал гасовод. Поради ова, „Пуцко петрол“ ќе наплати од државата и од Општина Карпош отштета од 2,5 милиони евра поради тоа што не успеала да ја изгради бензинската станица како последица на поништувањето на ДУП-от и неисполнувањето на критериумите за безбедност.

Антикорупционерите денеска одлучија да достават иницијатива до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против сите чинители кои учествувале во постапката за носењето на ДУП-от за градската четврт 3 04 во Општина Карпош, и тоа од првото донесување на овој урбанистички план до неговото укинување по втор пат од страна на Уставниот суд.

„Во своето надлежно постапување ДКСК утврди состојби кои укажуваат на сомнежи за несовесно работење, искористување на службената положба и овластувања и поткуп“, се наведува во одлуката што ја донесе Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

За останатите сознанија на ДКСК кои упатуваат на сомнежи за прикриена инвестициска активност на деловна банка преку комерцијален деловен субјект – трговско друштво, како и сомнежи за неусогласеност со даночната регулатива, антикорупционерите ќе достават претставки до надлежните државни органи и институции.

Антикорупционерите по извршената анализа утврдиле дека двата идентични ДУП-ови што биле донесени од Општина Карпош не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Скопје, за предметната градежна парцела не може со сигурност да се верификува потребата за изградба на бензинска станица, а во времето на нејзината продажба не бил изграден гасоводот.

Од ДКСК утврдиле дека за ДУП-от за градската четврт 3 04 не била спроведена стратегиска оцена за влијанието на животната средина, а Уставниот суд го укинал првиот ДУП поради процесни пропусти.

Исто така, антикорупционерите увиделе дека „Пуцко петрол“ не успеал да ги обезбеди потребните документи во предвидениот рок за изградба на бензинската станица, иако претходно го купил земјиштето. ДКСК посочува дека и нема процес на верификација на плановите што компанијата ги усогласувала со Министерство за внатрешни работи на РСМ – сектор за експлозиви и со ГАМА АД Скопје.

За надомест на изгубена добивка, „Пуцко петрол“ покренал постапка, а во текот на судскиот спор од страна на Општина Карпош, иако требало да достави вештачење за причинско-последичната врска помеѓу штетниот настан и изгубената добивка, ова вештачење било доставено со задоцнување од неколку дена. Првостепениот суд во два наврати донел пресуда во корист на „Пуцко Петрол“, додека Апелациониот суд од Скопје во два наврати донел две суштински различни одлуки од оние на основниот суд.

Од Антикорупциската комисија утврдиле дека и вториот ДУП за истиот локалитет е донесен од Општина Карпош без да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, иако во него е предвидена изградбата на гасовод кој минува низ земјиштето што е продадено на „Пуцко петрол“. Факт е дека истиот ДУП е два пати донесен од Општина Карпош и два пати е укинат од Уставниот суд.

Антикорупционерите укажуваат и на претходна историја на слични случаи поврзани со „Пуцко петрол“ во земјава.

„Врз основа на анализата на кредитната историја на Пуцко Петрол ДООЕЛ Општина Пласница, може да се идентификува сомнителна зделка за продажба на градежно земјиште во централното градско подрачје на Град Скопје, за кое се водат постапки за денационализација“, се наведува во одлуката на Антикорупциската комисија.

Инаку, Антокорупциската комисија отвори предмет поврзан со фирмата „Пуцко Петрол“ и на минатата седница. Утврдено беше дека при конфискацијата на имотот на фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан во случајот „Труст“ имало многу пропусти и сомнителни постапки на надлежни органи, обвинители, државни институции и фирми со што државата била оштетена за над 12 милиони евра.

Повеќето од нив, според ДКСК, работеле во корист на Сеад Кочан и „Пуцко Петрол“ наместо во корист на државата, па преку добро осмислена шема, конфискацијата на имотот била речиси невозможна, а голем дел од конфискуваниот имот завршил во „Пуцко Петрол“ чиј сопственик е Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ. За овој случај, антикорупционерите побараа и да се преиспита работата и на двајцата обвинители кои работеле на предметот „Труст“, што го отвори тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...