fbpx

Клучните сведочења пред Анкетната комисија ќе бидат зад затворени врати

-

Никола Груевски, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески ќе бидат првите сведоци што ќе ги сослушува Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето. Ова денеска го изгласаа членовите на комисијата, која треба да го расветли скандалот со прислушувањето.

Денеска претседателот на комисијата, Петре Шилегов, јавно ги повика сведоците до понеделник да се изјаснат кој ден од 9 до 15 декември се слободни да дојдат да сведочат, а најави и дека ќе им испрати писмена покана.

Интересот за работата на оваа комисија е голем и кај јавноста, токму затоа и беше предвидено седниците на комисијата, дури и сведочењата, да се пренесуваат на собранискиот канал, освен ако се работи за класифицирани информации.

Но, по денешната седница, излезе дека членовите на Анкетната комисија ги изиграа надежите на граѓаните. Уште при најавувањето на првите сведоци, Антонио Милошоски, член на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека нивните сведоци, Никола Груевски, Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, ќе побараат сослушувањата да се одвиваат зад затворени врати.

– Поради доверливоста на информациите што ќе бидат соопштени, седниците на кои ќе бидат сослушувани премиерот, министерот за финансии и поранешната министерка за внатрешни работи, ќе бидат од затворен карактер. Тоа не значи дека не сакаме јавноста да биде запознаена со детали од работата на комисијата, туку природата на тоа што ќе го говорат налага таа да биде затворена – рече Милошоски пред почнувањето на седницата.

Најверојатно, вакво барање ќе има и за сведоците што ги повикаа СДСМ, Сашо Мијалков, Мартин Протоѓер и Миле Јанакиески.

– За жал, ВМРО-ДПМНЕ јавно соопшти дека сите членови на нивната партија што ќе бидат повикани за сведоци, нема да сведочат пред очите на јавноста. Од ова може да заклучиме дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да се спроведе Договорот од Пржино, ниту, пак, Анкетната комисија да си ја врши работата како што е предвидено. Затоа што не само СДСМ, туку и јавноста бараше седиците на оваа комисија да бидат јавни. Изборот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски е да се кријат во дупка. Не можеме да разбереме зошто информации како купување парцели на Водно, „мерцедес“ од 600.000 евра, изборни манипулации би биле класифицирани информации. Жал ми е за нив, но на ниту еден начин не можеме да им помогнеме да побегнат од себе – рече Шилегов по завршувањето на седницата.

Според деловникот за работа на комисијата, сведоците можат да побараат таа да биде затворена за јавност, но, исто така, тоа можат да го побараат и членовите на комисијата со мнозинство гласови.

Сведоците што ќе бидат повикани од Анкетната комисија немаат законска обврска да прифатат да сведочат. Одговарајќи на новинарско прашање што ќе се случи ако некој од сведоците не се појави на сведочење, Шилегов рече дека тоа ќе го остават на судот на јавноста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...