Подносителот на иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување, охридскиот адвокат Ристо Китески, смета дека одлуката на Уставниот суд е демократска и правно издржана, но, вели, му пречи политизацијата на случајот.
– Штом сум ја поднел, сметам дека е основана иницијативата за преиспитување на уставноста на Законот за помилување. Ми пречи што иницијативата доби политичка конотација, но јас немав таква намера со нејзиното поднесување и не очекував дека ќе се случат вакви работи. Сметам дека оваа одлука е демократска, а крајно, од правна гледна точка, таа ќе овозможи секој сторител на кривично дело од областа на делата што се опфатени со иницијативата да ги ужива со Устав загарантираните права. И претходно и сега кажувам дека оваа иницијатива не е поврзана со актуелниот политички момент и со отворањето на случајот „Титаник“ од СЈО, во кој поранешни високи функционери се осомничени за изборни измами, како и дека тоа што делам иста канцеларија со правниот застапник на осомничени во овој процес е случајност – изјави за „Охрид њуз“ адвокатот Китески.