Кампањата на Бајден се приклучи на ТикТок, и покрај загриженоста за националната безбедност на САД

Приклучувањето на предизборната кампања на ТикТок се случува додека апликацијата која е во сопственост на кинеската технолошка компанија „БајтДенс“, е предмет на ревизија во САД поради потенцијални грижи за националната безбедност

фото: Колаж на фотографии / visuals on Unsplash и The White House, CC BY 3.0 US , via Wikimedia Commons

Претседателот на Комитетот за разузнавање во американскиот Сенат и претставник на Демократската партија, Марк Ворнер, рече дека е загрижен поради одлуката на кампањата на претседателот Џо Бајден да се приклучи на ТикТок.

Во неделата, кампањата за реизбор на Бајден го искористи „Супербоул“ за да ја најави својата нова корисничка сметка на ТикТок во обид да допре до младите гласачи пред претседателските избори во ноември, јавува Гардијан.

Приклучувањето на предизборната кампања на ТикТок се случува додека апликацијата која е во сопственост на кинеската технолошка компанија „БајтДенс“, е предмет на ревизија во САД поради потенцијални грижи за националната безбедност.

Некои американски законодавци побараа да се забрани апликацијата поради загриженост дека кинеската влада би можела да пристапи до податоците на корисниците или да влијае на она што луѓето го гледаат на платформата.

„Мислам дека сè уште треба да најдеме начин да ја следиме Индија, која го забрани ТикТок. Малку сум загрижен за измешаната порака“, рече Ворнер.

Голем број републикански пратеници, исто така, ја критикуваа одлуката на кампањата на Бајден да се приклучи на ТикТок.

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека не се променило ништо во врска со загриженоста за националната безбедност околу употребата на ТикТок на владините уреди и дека таквата политика е сè уште на сила.

Минатата година, администрацијата на Џо Бајден им нареди на владините агенции да го отстранат ТикТок од телефоните и уредите во сопственост на федералната влада.

ТикТок и понатаму тврди дека нема да ги сподели податоците на американските корисници со кинеската влада и презеде значителни мерки за заштита на приватноста на своите корисници.

Преку соопштение, кампањата на Бајден соопшти дека „ќе продолжи да се среќава со гласачите каде и да се“, вклучително и на други апликации и социјални мрежи како што се Инстаграм на „Мета“ или „Truth Social“ на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Од кампањата додаваат дека преземале напредни безбедносни мерки на претпазливост на своите уреди при присуството на ТикТок.

Комитетот за странски инвестиции во САД во март минатата година побара кинеските сопственици на ТикТок да ги продадат своите акции или ќе се соочат со можноста апликацијата да биде забранета, но администрацијата досега не презеде ништо.

Минатиот месец, претставник на ТикТок во Конгресот рече дека апликацијата сега ја користат 170 милиони Американци, што е за 20 милиони повеќе во споредба со истиот период минатата година.