Кампања на УНИЦЕФ против говорот на омраза и кибер-булингот

„Повторливото навредливо однесување кое има за цел да ги исплаши, налути или засрами оние кон кои е насочено, влијае на нивната севкупна емоционална благосостојба и менталното здравје“, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани

Фото: УНИЦЕФ

По повод Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза, УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија започнаа нова кампања на социјалните медиуми против кибер-булингот и онлајн говорот на омраза, која беше создадена заедно со деца и млади лица. Под слоганот „За булингот крај, бај-бај“, кампањата вклучува над дваесет видеа за социјалните медиуми.

„Некои вклучуваат пораки како „Зборовите имаат тежина, затоа бирајте ги внимателно“ за да го насочат вниманието кон штетните влијанија на сајбер-булингот. Други вклучуваат пораки кои ги повикуваат самите млади луѓе да не бидат пасивни набљудувачи и да понудат поддршка доколку се сведоци на сајбер-булинг“, наведено е во соопштението на УНИЦЕФ.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, кажа дека насекаде во светот, кибер-насилството е секојдневна реалност за децата и младите.

„Повторливото навредливо однесување кое има за цел да ги исплаши, налути или засрами оние кон кои е насочено, влијае на нивната севкупна емоционална благосостојба и менталното здравје“, рече таа.

Таа кажа дека е горда што гледа дека младите луѓе го кренале својот глас и ја искористиле својата креативност за да промовираат почит и љубезност кон своите врсници, како и да ги одбранат жртвите.

„Горди сме на постигнувањето на младите и веруваме дека ќе влијаеме позитивно на многу други млади луѓе“, истакна Леа Липша, директорка на Фондацијата Телеком за Македонија.