fbpx

Јанакиески и Јанкулоска осудени на затворска казна за „Титаник“, Протуѓер доби условна

-

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска беше осудена на казна затвор од 2 години и шест месеци. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој исто така беше еден од соработниците на екс-премиерот Никола Груевски, доби ефективна казна затвор од 4 години и 6 месеци,  Коста Митровски доби по 3 години затвор за случајот „Титаник“, а Мунир Пепиќ доби 1 година затвор.

Тие се меѓу осумте осуденици кои денес ги осуди Основниот кривичен суд во Скопје за предметот кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.

Воедно, судскиот совет на чело со судијата Осман Шабани ги соопшти и условните казни за: Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело и Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

По изрекувањето на пресудата, обвинителката Лиле Стефанова побара судот да определи мерка куќен притвор на Јанакиески поради опасност од бегство.

Таа, ги наведе како отежнители околности тоа што Јанакиески е веќе со првостепена пресуда, има затворска казна за настаните од 27 април 2017 во Собранието и што се водат и други постапки против него, а како олеснителна ја посочи неговата здравствена состојба.

По реакцијата на неговата одбрана која нагласи дека нема потреба од таква мерка и посочи дека обвинителката не дала никаков доказ дека поранешниот министер би можел да избега, Судскиот совет рече дека одлуката дали ќе му одредат куќен притвор ќе ја соопштат околу 13:30 часот.

Денешната пресуда е првостепена и одбраната на обвинетите има право да поднесе жалба до Апелацискиот суд за висината на казните. Кога Апелација ќе се изјасни за жалбите, кои најверојатно ќе ги поднесат барем дел од обвинетите, таа ќе стане правосилна.

Судењето пак продолжува за останатите лица, во фаза на доказна постапка.

Во случајот, обвинети се и се гонат за повеќе дела вкупно 21 лице меѓу кои се: поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Сите тие се соочуваат со обвиненија како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал, поточно „Титаник“ се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.

Поранешниот премиер Никола Груевски, кому му се суди во отсуство откако избега во Будимпешта, останува како првообвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.

„Титаник“ е првиот случај за кој на почетокот на 2016 година, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори истрага. На 11 февруари, за време на третото рочиште Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер, како и пет други обвинети лица, признаа вина за случајот „Титаник“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...