Компанијата „Полиеко“ е во завршна фаза на поставување на заштитниот шатор над малата депонија со линдан во ОХИС. Направена е маталната конструкција на која ќе треба да се монтира шаторот, откако во претходните неколку месеци се вршеше расчистување на теренот, ископување ровови и поставување на темели за конструкцијата. Шаторот, кој се поставува преку целата локација на малата депонија и е со површина од околу 3000 квадратни метри, треба да обезбеди безбедно ископување на складираниот отпад, пакување и транспорт до локации за безбедно уништување.
Целиот процес во континуитет го следи и Државниот инспекторат за животна средина од каде информираат дека надзорите ќе продолжат и откако ќе започнат активностите за ископување на депонијата.
„Во тек се завршните активности за поставување на балонот во кој ќе се врши операцијата на пакување на линданот. Извршен е редовен инспекциски надзор од страна на државни инспектори за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Скопски регион, а ДИЖС и во иднина континуирано ќе ја следи ситуацијата и ќе продолжи со вршење инспекциски надзори“, велат од Инспекторатот.
Безбедносниот шатор треба да овозможи работа во услови со негативен притисок, со што нема да се дозволи излез на ситните честички прашина од депонијата и несакани емисии на контаминиран материјал во воздухот. Во текот на чистењето изведувачот ќе биде должен постојано да ги следи и квалитетот на воздухот и на подземните води. Работниците кои ќе ракуваат со отпадот ќе поминат специјални обуки како на правилен начин да го ископуваат, пакуваат и складираат отпадот. Крајната дестинација на безбедно уништување на опасната хемикалија се Франција и Холандија.
Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС е најавено дека ќе трае околу една година. Во неа има околу 7.000 тони од опасната хемикалија и контаминирана земја, што пет децении стојат во дворот на некогашниот хемиски гигант. Сепак, отстранувањето на линданот и опасноста од неговото влијание врз животната средина не завршува со овој проект. Останува големата депонија, што се наоѓа веднаш до малата со околу 52.000 тони складирана опасна хемикалија и за која дополнително ќе се бараат средства, но и уште две депонии кои засега не се испитани и количините кои се складирани тука само се претпоставуваат. Едната се наоѓа во дворот на фабриката, а другата во месноста Пеленица, близу Драчево.
Линданот е халогенирано органско соединение чие производство и земјоделска употреба како инсектицид било забрането според Стокхолмската конвенција за перзистентни органски полутанти бидејќи негативно влијае на нервниот систем, црниот дроб и бубрезите и може да биде канцероген. Опасноста од неговите влијанија на животната средина се сериозни, заради што институции, експерти и професори подолго време предупредуваат дека мора да се исчисти во целост.