Со осум препораки за идното регулирање на медиумската сопственост во земјава, студијата Плурализам на медиумската сопственост во новото медиумско опкружување на експертите Жан Франсоа Фурнемонт и Снежана Трпевска дава можности за измени и дополнувања на Законот за медиуми и особено на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги велат дека постојната регулатива за концентрација на сопственоста на медиумите е застарена, а овие прашања добиваат ново значење во контекст на дигиталните технологии, конвергенцијата, ширењето на новите интернет медиуми и фрагментирањето на пазарот и публиката.

Двајцата автори на студијата во понудените препораки велат дека актуелниот закон и понатаму се концентрира на „традиционалното“ медиумско опкружување и не го зема предвид подемот на новите услуги и платформи, а исто така тие сметаат дека законот е доста строг во однос на ограничувањата за географска концентрација, и за дозволите и за подрачјата на покривање.

„При ревидирањето на постојните правила, македонските носители на политики треба да се погрижат сите идни ограничувања, при што секое засебно веројатно има легитимна цел, колективно да го почитуваат начелото на сразмерност и да не му штетат на развојот на одржливиот аудиовизуелен сектор“, се наведува во првата препорака во студијата.

Исто така, експертите силно препорачуваат да се ревидираат правилата за концентрација за тие да одговараат на „новото“ медиумско опкружување. При ваквата ревизија, да се оцени кои од нив се сè уште сразмерни и легитимни во актуелното медиумско опкружување, а особено правилата за несоседни подрачја. Воедно, се советува во таа ревизија да се вклучи и проценка на можните алтернативни мерки за концентрација наменети за заштита на медиумскиот плурализам.

„Предлогот од разни чинители да се редефинираат регионалните пазари според утврдени економски критериуми е мошне валиден и експертите препорачуваат регулаторното тело да ја разгледа можноста да нарача посебна економска анализа што би ги дефинирала идните радиодифузни региони“, препорачуваат авторите.

Нивна препорака е и да се повлече забраната за вкрстена сопственост меѓу радиодифузери и весници во актуелниот закон, како и измени на членот 39 со кои ќе се избегне забуната дека забраната за истовремено емитување покрива и стекнување капитал и во телевизија и во радио. Сепак, двајцата автори сметаат дека треба да остане ограничувањето за концентрација на сопственоста меѓу радиодифузер и трговско друштво што врши рекламирање и маркетинг.

„Законот исто така содржи доста нејасни одредби за случаите на медиумска
концентрација создадени преку поврзани лица. Иако е детална, некои елементи на дефиницијата за поврзани лица се нејасно опишани, па затоа експертите препорачуваат овие одредби да се појаснат имајќи ги предвид практичните ситуации во нивната примена“, препорачуваат експертите.

Експертите во објавената студија препорачуваат одредбите за транспарентност кон јавноста да се приспособат на интернет опкружувањето за да се обезбеди податоците за сопственост да се објавуваат ефикасно и приспособено од страна на давателите на интернет медиумски услуги, кога нивната главна цел или нејзин јасен дел е посветен на обезбедување аудиовизуелна содржина.

Студијата за потребите на ААВМУ спроведе проценка на важечките законски одредби за концентрација на сопственоста во аудиовизуелниот сектор, а истата е изработена во рамки на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“, кој е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.