Зелена иднина без јаглен е основа на Стратегијата за климатска акција

Фото: Martin Sepion на Unsplash

Зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика е основа за идната долгорочна Стратегија за климатска акција која е во изработка и која, заедно со законот за климатска акција, треба да биде основа за активностите на нашата држава во борбата против климатските промени.

По ратификацијата на Договорот од Париз, прашањата за намалени климатски промени во земјава досега најмногу се интегрираа во енергетските политики преку донесувањето на Законот за енергетика и подзаконските акти, како и Стратегијата за развој на енергетиката. Иако, засега ниту едно од трите сценарија не е официјално одбрано, сепак, во Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека во нацртот на интегрираниот енергетски и климатски план обработено е зеленото сценарио, кое е и основа за идната Стратегија за климатска акција.

Зеленото сценарио значи производство на енергија само од обновливи извори на енергија и најголеми инвестиции од планираните осум до 17 милијарди евра во следните 20 години. За разлика од него, другите две сценарија кои ги нуди Стратегијата, предвидуваат продолжување на работата на РЕК „Битола“, со нови инвестиции и нови ископи на јаглен, како референтно сценарио, односно, негово постепено престанување со работа, за сметка на поголема употреба на гасот како енергенс како сценарио за умерена транзиција.

Обезбедувањето на зелени енергетски политики е првиот чекор во обврските кои земјава треба да ги исполни во трасирањето на зелен, одржлив развој и успешно справување со климатските промени. Во Министерството велат дека во тек се подготовки на многу законски и подзаконски акти со кои државата ќе се соочи со климатските предизвици.

„Во нацртот на интегрираниот енергетски и климатски план обработено е зеленото сценарио. Тоа е и основа за идната долгорочна стратегија за климатска акција. Министерството во меѓувреме ја заврши и изработката на Третиот двогодишен извештај за климатски промени и направени се анализите за зголемување на националната амбиција за намалени климатски промени кон Договорот од Париз. Тој ќе се усвои од страна на новата влада, најверојатно во пакет со Интегрираниот план за енергија и клима и долгорочната Стратегија за клима. Во финална фаза на изработка се Законот и долгорочната Стратегија за климатска акција и два приоритетни подзаконски акти од областа на мониторирање, известување и верификација на емисиите на стакленичките гасови“, информираат од ова министерство.

Државата во изминатиот период ја унапреди соработката и со Зелениот климатски фонд и ја започнува ревизијата на националниот поднесок кон Договорот од Париз. Кон крајот на минатата година беа донесени и сет закони од областа на отпадот и во тек е анализа на потенцијалот за намалување на климатските промени преку воведување на циркуларна економија.

Граѓанските организации се задоволни од најавите дека зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика е основа за изработка на новата легислатива. Од невладината организација „Гоу грин“ очекуваат тоа и официјално да биде избрано.

„Очекуваме Владата да ги следи препораките на Министерството и да се одлучи за зеленото сценарио, за кое длабоко сме уверени дека е единственото исправно за обезбедување зелена иднина и одржлив развој на нашата земја“, посочуваат од „Гоу грин“.

Од невладината организација „Еко свест“ сметаат дека климатските промени и пандемијата на ковид-19 ги делат причините кои ги предизвикале, особено уништувањето на природата за сметка на поголема економска заработка. Заради тоа, сметаат дека чекорите кон забрзана климатска акција во моментов треба да бидат висок приоритет.