Во периодот од официјалното означување на стартот на активностите на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, а се однесуваат на малата депонија на ОХИС, реализирани се најголемиот дел од активностите предвидени со подготвителната фаза, соопштија од Македонското еколошко друштво (МЕД).
Конкретно, реализирани се активности за подготовка и расчистување на теренот, обезбедување и обука на персоналот кој ќе работи на теренот, обезбедување механичка опрема и машини, спроведување оперативни процедури на самата локација и надвор од локацијата, анализа на почвата околу малата депонија, како и сепарација и пакување на ископаната почва од рововите.
„Активностите поврзани со ископот и поставувањето на темелите се веќе завршени и за нивното спроведување беше потребен временски период од приближно 50 дена. За самите темели се ископани ровови во кои е поставена тампонирана подлога од чакал и метална арматура и истите беа залевани со бетон, постапка што во следниот период ќе обезбеди потребна цврстина и стабилност на надземната метална конструкција и шаторот. На северниот ров каде активностите граничат со големата депонија, спроведено е дополнително зацврстување на ѕидот на оваа депонија“, истакнаа од МЕД.
Оттаму велат и дека со поставувањето на безбедносниот шатор кој овозможува работа во услови со негативен притисок, завршува подготвителната фаза.
„Условите и одржувањето на негативен притисок во шаторот нема да дозволат излез на ситните честички прашина од местото на ископ на контаминираниот материјал од депонијата, со што ќе се превенираат несакани емисии на контаминиран материјал во воздухот“, додадоа од МЕД.
Еколозите посочија и дека на поставувањето на шаторот во текот на февруари ќе претходи поставување на металната конструкција, а динамиката на овие активности, како што истакнаа, ќе зависи од поволноста на временските услови.
„Досега работата на изведувачот ПОЛИЕКО, освен од Државниот инспекторат за животна средина, е следена и од супервизорската компанија TAUW. Во оперативната фаза изведувачот ПОЛИЕКО ќе спроведе обуки на персоналот за ископување и ракување со отпад од HCH, процес на ископување, пакување, складирање и реставрација на локацијата. Завршна фаза на целиот процес е делот на транспортирање на отпадот до објекти за конечно отстранување од Северна Македонија, преку соседна Република Грција до Франција и Холандија, каде ќе се спроведе дополнително согорување или ремедијација на отпадните материи и почва“, образложија од Македонското еколошко друштво.
Оттаму наведоа дека во сите фази на процесот на чистење, независно од изведбата на вработените и ангажираните лица од страна на фирмата изведувач ПОЛИЕКО, ќе се спроведува активно следење на состојбата на животната средина преку следење на квалитетот на изведбата, квалитетот на воздухот и следење на квалитетот на подземните води.
Сите податоци ќе бидат објавени во јавност по завршувањето на мерењата во текот на отстранувањето на линданот, а деталите околу истражувањата ќе бидат споделени и на јавни дебати. Македонското еколошко друштво (МЕД) подготвува и документарно видео за целиот процес на отстранувањето на линданот од малата депонија во ОХИС.
МЕД во рамките на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, спроведува активности за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина.
Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд (GEF), имплементиран преку УНИДО (United Nations Industrial Development Organization) и се спроведува во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Инаку, Мета.мк веќе подолг период наназад пишува за чистењето на линданот од малата и големата депонија во кругот на ОХИС, како и за две други локации во кои е складиран линданот, вклучувајќи ја и месноста Пеленица во близина на Драчево.