fbpx

ХПВ вакцината не влијае на плодноста, девојчињата треба да се вакцинираат

„Колку порано го заштитите вашето дете, толку подобро. Многу жени кои поминале низ борба со канцер на грлото на матката, се првите кои ги носат своите ќерки и внуки на вакцинација“, вели проф. Грозданова

-

Има многу дезинформации и стереотипи кои влијаат на родителите на девојчиња, кои треба да ја примат вакцината против хуман папилома вирусот (ХПВ). Еден од нив е тврдењето дека вакцината влијае на репродуктивната способност на жените, а тоа воопшто не е точно. Ова беше истакнато на денешниот брифинг со новинарите на тема „Вакцинација против ХПВ“, кој се одржа во Паблик рум, а на кој учествуваа проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Комисијата за имунизација, д-р Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и акушерство, како и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Докторите истакнаа дека ХПВ како основа е предизвикувач на цервикалниот карцином, а ние имаме вакцина со која може оваа сериозна болест да се превенира.

„Дезинформациите на оваа тема правеа штета и тоа ги одвраќаше родителите од вакцинација на нивните деца. Имаше скепса на почетокот бидејќи ја поврзуваа со сексуална активност на децата. Колку порано го заштитите вашето дете, толку подобро. Многу жени кои поминале низ борба со канцер на грлото на матката, се првите кои ги носат своите ќерки и внуки на вакцинација“, истакна проф. Грозданова.

Од оваа вакцина, девојчињата на 15-годишна возраст примаат 3 дози, а пoмалите примаат 2 дози. Ефикасноста на вакцината започнува една година по примањето на последната доза. По карциномот на гради, на светско ниво, ракот на грлото на матката е на второ место по распространетост.

„Родителите не треба да чекаат да се случи децата еден ден да им кажат: „Зошто не ме вакцинираше против оваа болест, а знаеше дека има заштита за истата?““, рече Грозданова.

Во големите и развиени земји, фокусот е ставен на превентивата. На брифингот беше посочено дека Австралија е на добар пат наскоро да стане ХПВ слободна земја, без ниту еден случај, а тоа го постигнуваат токму со вакцините.

„Кај нас, сите девојчиња до 19 години може да ја примат вакцината, со цел да им се излезе во пресрет на родителите кои сметаат дека 13 и 14 години е премала возраст за вакцина, иако нема пречка да се прими и тогаш. Момчињата не се обврзани на вакцината, иако почесто тие се преносители на ХПВ“, додаде Грозданова.

Нови студии покажуваат дека жените кои пушат, а се инфицирани со високи нивоа на хуманиот папиломавирус (ХПВ) го зголемуваат ризикот од рак на грлото на матката за дури 27 пати. Д-р Димитров, пак, кој е онко-гинеколог, кажа дека голем дел од карциномите се предизвикани од ХПВ.

„33 отсто од спонтаните абортуси, се случуваат бидејќи спермата на мажот е заразена со ХПВ. Од друга страна, во последните 15 години, во сè поголем број од некои ракови на главата и на вратот кај мажите, е откриена ДНК на ХПВ. Инаку, 99,8 отсто од ракот е предизвикан од ХПВ. Следиме период од настанување на преканцероза, односно ЦИН, а потребно е да поминат години за да дојде до инванзивен карцином“, кажа Димитров.

Тој кажа дека најмладата пациентка во неговата кариера со рак на грло на матка била 14-годишна пациентка која имала јувенилен дијабетес, кој пак, е еден од ризик факторите за прогресирање на болеста.

„Во овие времиња, се намалува возрасната граница за преканцероза. Беше 33 години, но има тенденција да се намалува. Последните два случаи со пациентки кои ги имав, никогаш не им бил земен ПАП тест. Затоа и се залагаме да биде воведен ХПВ тест“, додаде Димитров.

Согласно последните податоци, во 2022 година, 52,5 отсто од девојчињата и девојките се вакцинирале против ХПВ. Овој опфат е најмал ако се земат предвид другите вакцини. Сепак, ланскиот опфат е поголем од оној од 2021 година, кога биле вакцинирани 35 отсто од девојчињата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...