Климатските промени ја интензивирале сушата во Сирија, Ирак и Иран

Ново истражување на релативно помалку испитуваниот регион покажува дека климатските промени сериозно влијаеле на сушата која последните три години го зафаќа регионот и најверојатно ќе станат уште полоши условите во следните години

Photo by Mike Erskine on Unsplash

Климатските промени ја влошиле сушата која ги зафати Сирија Ирак и Иран последните три години и значајно ја зголемиле веројатноста ваквата суша да се случи, заклучува нова студија.

Од 2020 година, во регионот е забележано пониско ниво на дожд, што довело до внатрешно раселување на населението, како и уништени посеви. Како последица, постои неконзистентно снабдување со храна во регионот, известува Дојче веле.

Истражувањето било фокусирано на регионот околу реките Тигар и Еуфрат, кои се наоѓаат во Сирија, Ирак и Иран. Научниците кои го спровеле истражувањето истакнуваат дека овој регион е релативно помалку истражен кога станува збор за импактот на климатските промени.

Наодите на истражувањето укажуваат дека климатските промени, предизвикани од согорувањето на фосилни горива, гас и јаглен, за 25 пати ја зголемиле веројатноста да се случи сушата во Сирија и Ирак, како и за 16 пати во Иран.

Се утврди дека повисоките температури довеле до тоа повеќе вода да испарува од почвата и растенијата, но и дека климатските промени најверојатно не влијаеле на нивото на дожд.

„Ваквите суши ќе продолжат да се интензивираат додека не престане да се согоруваат фосилни горива. Ако светот не се согласи постепено да ги укине фосилните горива на COP28, сите губиме – повеќе луѓе ќе страдаат од недостиг на вода, повеќе земјоделци ќе бидат раселени и многу луѓе ќе плаќаат повеќе за храна во супермаркетите“, вели Фридерике Ото, коавторот на студијата во изјавата.