Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, утринава се сретна со премиерот Емил Димитриев, со кој разговараше за ситуацијата во земјата по предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември минатата година.
Детали од средбата засега не се откриваат, а Хан од средбата објави фотографија на социјалната мрежа „Твитер“ со краток опис.
„Го почнав работниот ден во Скопје со разговор со премиерот Димитриев. Потоа состанок со министрите од земјите од Западен Балкан за зајакнување на енергетската поврзаност“, напиша Хан.
Starting a busy day in #Skopje w talk w #PM Dimitriev. Then Western Balkans Energy Ministerial t boost #connectivity. pic.twitter.com/kgd3wb1riB
— Johannes Hahn (@JHahnEU) February 9, 2017
Еврокомесарот синоќа допатува во Скопје, а денеска ќе учествува на шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната соработка во областа на енергетиката.
На состанокот, освен Хан и министрите за надворешни работи и министрите за енергетика од балканските земји, ќе присуствуваат и италијанскиот државен потсекретар за надворешни работи, Винченцо Амендола, и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.
На неформалната средба ќе се разговара за прашања од областа на регионалната соработка во различни сегменти, но со посебен акцент на заедничките регионални предизвици, економскиот просперитет и меѓусебното поврзување, владеењето на правото и антикорупцијата, во функција на интегрирање на сите балкански земји во ЕУ.
По завршувањето на министерскиот состанок, Хан ќе има средби со претставниците на граѓанскиот сектор, како и одделни средби со лидерите на политичките партии кои освоија пратенички места во Собранието. Тема на состаноците ќе биде состојбата на Македонија по предвремените парламентарни избори, напорите за формирање влада и за враќање на земјата на евроатлантскиот пат.