fbpx

Груевски: Преодна влада е можна, но без ВМРО-ДПМНЕ

-

Зоран Заев е директно инволвиран во дестабилизација на државата, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на трибината на партијата која попладнево се одржа во СЦ „Борис Трајковски“.

– Гледате ли во каков грч е, се сили, се удира в гради. На крајот, тој пресудува што е по закон што не е. Во неговата алчност за власт, пари и за моќ и во очај да се покаже пред членовите и самиот заборава кој е. Тој е човек кој ја злоупотребува Општината за да заработи. Тој нè тера да забораваме на Шекеринска, која беше на функција во едно мрачно време за Македонија. Во која земја во светот има пример каде човек како Заев излегува на прес-конференција и плука кого сака со материјали кои се собрани од странска служба. Каде на светот може вака? Лажна е претставата дека ова е битка на живот и смрт. Се лажат нашите опоненти – рече Груевски.

Тој на членството на СДСМ му порача дека „нема да дозволи да нè закрват“.

– Инспираторите тоа го сакаат. ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Една од целите е да се замрзнат вработувањата, да се замрзнат инвестициите. Е, тоа нема да пројде. Тоа нема да го дозволиме. Да нè вратат назад, тоа нема да дозволиме. Заев бара нов обвинител. За нас е важно обвинителот да се однесува по словото на законот. Јас сум убеден дека обвинителот тоа го прави. Од друга страна, ние сме подготвени за сите работи, за кои постојат сомневања за наши членови да бидат максимално транспаренти. Сакам да порачам дека барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо, но само без ВМРО-ДПМНЕ во неа. Ние сме сметале и сметаме дека народот бара мандат и тој кажува кој ќе формира и кој нема да формира влада. Со преодна влада се отвара простор за сериозен преседан. Сакам да порачам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го промени Уставот на Македонија за да се промени уставното име, нема да дозволи да се промени македонскиот идентитет, јазик и култура. ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна партија, нема да прифати решение на спорот наметнат од Грција без да се оди на референдум, а мнозинството граѓани да го прифати референдумот – рече Груевски.

Тој истакна дека оваа криза „ќе заврши со правна постапка во согласност со законите во Македонија“, како и дека „колку ќе трае, ќе зависи од една секунда, од еден момент“, алудирајќи, веројатно, на документите што ги има за опозицијата.

Груевски ги повтори бенефициите за пензионерите и проектот за бесплатна бања, за студентите и за учениците.

– Во тек е изградба на три автопати низ Македонија. Обезбедени се компјутери за секое дете, а од идната година ќе обезбедиме за сите и таблети со тастатури. Воведени се повеќе од 15 нови авионски линии. Македонија добива позитивна препорака за претпристапни преговори во ЕУ. Македонија ги исполни сите услови за влез во НАТО. Обезбеден е откуп на дворови по едно евро за еден квадратен метар. Девизните резерви се повеќе од две милијарди евра. Тоа значи да се бориш за Македонија. Во услови кога сме под сериозен напад за политичка и за системска дестабилизација, ние работиме на нашите проекти – истакна Груевски.

Тој од собирот упати порака дека сега партијата ќе оди „од дом во дом, од куќа во куќа, од семејство во семејство“.

– Станете сите на нозе, нè чека поход од град до град – рече на крајот Груевски.

Сите министри во Владата на Република Македонија, членовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Груевски и со неговата сопруга, беа присутни на трибината на ВМРО-ДПМНЕ.

Салата беше целосно исполнета, а пред Спортскиот центар имаше многу граѓани.

На почетокот се обратија актерот Тони Михајловски, режисерот Љубиша Георгиевски и бранителот Јохан Тарчуловски, кој обраќањето го заврши со повикот „Да живее Македонија, обединета Македонија“.

Во уметничко-забавниот дел, настапија членовите на ансамблот „Танец“, кои исполнија македонски патриотски песни.

Трибината почна со македонската химна, која ја испеа Калиопи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руските трупи влегоа во воздушната база во Нигер каде се стационирани американски војници

Рускиот воен персонал влезе во воздухопловната база во Нигер каде се сместени американски војници, по одлуката на нигерската хунта да ги протера американските сили од земјата, пишува Гардијан. Воените офицери...