fbpx

Грција во паника поради бегалската криза

-

Нова голгота и хаос владеат поради бегалската криза во Грција по затворањето на македонската граница за бегалците од Авганистан.

Според информациите, на Пиреја утринава се пристигнати околу 2.000 нови бегалци, кои се приклучуваат на тие 4.000 што од вчера чекаат таму, а околу 5.000 бегалци се околу македонско-грчката граница и кај Поликастро.

Затворањето на границата за бегалците крена нова паника во грчката влада, поради што ноќеска премиерот Алексис Ципрас свика вонредна владина мини-седница со министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, за одбрана, Панос Каменос, заменик-министерот за цивилна заштита, Никос Тоскас, и со министерот за миграција, Јанис Музалас. Според информациите, постои можност Грција дипломатски да реагира до Австрија, која во Атина се посочува како главен „виновник“ за ограничувањата околу протекот на бегалци од Балканот кон ЕУ.

Повеќе информации се очекуваат од пладневниот брифинг на владиниот портпарол, кога е можно да се најават чекорите што грчката влада ќе ги преземе во врска со новонастанатата ситуација, која се смета дека е прекршување на договорот од Брисел, со кој беше предвидено границите да останат отворени до следниот самит на ЕУ.

Во Атина владее и вознемиреност што Австрија ја изолира Грција од разговорите за бегалската криза, свикувајќи состанок за сите држави од Западен Балкан, но без да биде поканет грчки претставник.

Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, во интервју за радиото „Вима ФМ“ испрати индиректна порака до државите од Западен Балкан дека не треба да се заборави дека и Грција е дел од ЕУ.

– Утре овие земји-кандидати за членство ќе побараат членство. Грција ќе биде таму. Скопје, Србија ќе побараат членство, а Грција ќе биде таму. Ние не сакаме да се доведеме до ваква ситуација, меѓутоа не ги носиме ние работите натаму – истакна Музалас, чија изјава во грчките медиуми беше прочитана како можна закана со вето за Македонија и за Србија.

Што се однесува со бегалците од Авганистан кои се заглавени во Грција, изутринава грчката полиција изведе акција за расчистување на железничката пруга кај Идомени, која од вчера беше блокирана од околу 200 бегалци. Од местото беа тргнати и новинарите кои известуваат за ситуацијата и не им беше дозволен пристап за да не ја снимаат акцијата.

Според информациите, грчката железница од вчера побарала помош од полицијата да се расчисти железничката линија за да не се појави повторно проблем со блокада на патничките и на товарните возови. Грчките медиуми пренесуваат дека активисти на „Лекари без граници“ посочиле дека околу пругата имало 600 бегалци.

Бегалците од пругите се сместени во автобуси и веќе се пренесуваат до центрите за релокација кај Солун и кај Атина. Четири автобуси на патот кон Атина се заглавени кај преминот Темпи кај Лариса, кој, пак, е блокиран од грчките земјоделци.

Моменталната слика со блокада на патот од трактори со земјоделци заедно со автобус полн бегалци ја покажува и вистинската слика и криза во која се наоѓа грчката влада во моментов, притисната од три страни – протестите на земјоделците, бегалските проблеми и преговорите со европските кредитори, три проблеми за кои постои голема неизвесност како и кога ќе се решат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...