fbpx

Грчката лидерска средба заврши со заедничка декларација за поддршка на Ципрас

-

Маратонската средба на грчкиот премиер и на лидерите на сите грчки политички партии доведе до заедничка декларација која ѝ дава поддршка на грчката влада да настапи со нов предлог пред кредиторите.

Декларацијата се очекува за кратко време да ја објават од премиерскиот кабинет, заедно со името на новиот министер за финансии.

Целосниот текст го потпишуваат грчката влада, СИРИЗА, Нова Демократија, ПАСОК, Независни Грци и Река, а единствена партија што не ја поддржува е Комунистичката партија.

Коалицискиот партнер на Алексис Ципрас и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, посочи дека договорот му дава нова сила на грчкиот премиер утре да оди во Брисел и да преговара во име на целиот народ и на мнозинството грчки партии.

– Останува на Европа да разбере дека решението кое е желба на народот и на мнозинството од партиите треба да се дозволи веднаш за Грција да оди по патот на развојот и на благосостојбата. Договорот со кредиторите е единствениот можен пат – истакна Каменос по завршувањето на средбата.

Каменос обелодени дека ќе има  мерки кои се во насока на враќање на ликвидноста, економскиот развој, реформи и на одржливост на долгот.

Лидерот на партијата Река, Ставрос Теодоракис, истакна дека следат тешки моменти и тешки одлуки и народот и политичките партии ќе мора да бидат обединети. Теодоракис исткана дека декларацијата ѝ дава одговорност на владата за преговарање за да има итен договор за општествена програма која ќе доведе до економски развој.

– Ситуацијата е критична, има многу негативни пораки и треба да ги демантираме сите тие што мислат дека ЕУ може да постои без Грција. Треба да направиме обид заедно да се справиме со критичните моменти и да имаме позитивен развој во следните часови – додаде Теодоракис.

Лидерите на ПАСОК, Фофи Генимата, и на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, упатија критика до владата дека предоцна ја покрена иницијативата за национален консензус, ставајќи ги државата и народот во критична состојба на затворени банки, без ликвидност, без програма и заштита. Истакнувајќи дека целосната одговорност за решение е на плеќите на владата, и двајцата, сепак, изразија консензус дека ќе помогнат и ќе поддржат одржливо решение. И Теодоракис и Генимата, како и Меимаракис, посочија дека владата не смее да заборави дека народот на референдумот не ѝ даде сила за раздор и за уривање, туку наредба за консензус и за решение што ќе ја задржат Грција во ЕУ и во еврозоната.

Во исчекување на целосниот текст од договорот, информациите се дека се разговарало за предлогот на Жан-Клод Јункер со пет измени и со предлози од грчка страна на овие европски идеи. Се оценува дека е договорено дека за сите следни предлози ќе има консултација со сите партии.

И покрај поддршката, опозициските партии јасно истакнаа дека одговорноста за договорот е целосно во раце на владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...