Граѓанскиот сектор скептичен за реализирање на најавената забрана на ТикТок

Властите во Северна Македонија, поттикнати од последната трагедија во Србија, излегоа со предлози и изјави за забрана или ограничување на социјалната мрежа ТикТок во земјава

Фото: Мета.мк

Граѓанското општество во земјава е скептично во врска со најавената забрана на социјалната мрежа ТикТок од страна на властите. Актерите на граѓанското општество со кои разговараше Порталб.мк велат дека таква забрана е тешко изводлива. Тие велат дека е потребна едукација и превентивни мерки од страна на властите за можните опасности.

Сојузот на средношколци има резерви во врска со спроведувањето на најавената забрана за ТикТок, вели за Порталб.мк, претседателот на овој сојуз, Лука Павиќевиќ.

Сојузот на средношколци има резерви по однос на спроведливоста на најавената забрана на ТикТок. Имено, ниту една држава претходно го нема целосно забрането ТикТок, а тие што спровеле забрани го забраниле само на дигиталните уреди во државна сопственост поради сомнежи од можна кинеска шпионажа. Понатаму, секоја забрана може лесно да биде надмината преку VPN, а исто така ги адресира последиците, а не причините“, рече Лука Павиќевиќ.

Форумот за образовни промени за Порталб.мк оценува дека преземањето на таков чекор би било тешко изводливо. Тие истакнуваат дека пред донесување на одлуката за забрана на една социјална мрежа во земјава треба да се исцрпат сите мерки или алтернативни можности за омекнување на штетата што извира од оваа социјална мрежа.

„Потоа, доколку ни превентивните мерки во кои спаѓаат вклучување на медиумската едукација во училиштата, зголемувањето на бројот на инспектори за проверка на компјутерскиот криминал и зајакнување на овој сектор во МВР, како и зголемувањето на постоечките казнени политики во земјава за компјутерскиот криминал, последен чекор треба да биде донесување одлука за затворање на оваа платформа во земјава. Потоа, иако треба да имаме во предвид дека нешто такво е речиси невозможно да се реализира бидејќи денес секој млад има знаење како се менува ВПН-то и слободно може да има пристап до „ТикТок“ повторно, вклучувајќи го тука фактот што речиси ниедна држава во светот не презела таков чекор“, рекоа од Форумот за образовни промени.

Од Центарот за едукација и развој (ЦЕР), Метин Муареми за Порталб.мк истакна дека не се против користење на платформата ТикТок од страна на младите и возрасните, но тие мислат дека треба да има ограничувања за истите и нивното користење од страна на децата по образовните институции.

„Ние веруваме дека е важно да се биде внимателен и да се применат потребните ограничувања во нивното користење. Мислам дека треба да се стави на видело потребата за постојана и сензитивна работа во оваа насока и подигнување на свеста на децата и возрасните за користењето на онлајн медиумите. Важно е Ние да работиме заедно за да обезбедиме нашите деца и сите корисници на социјалните мрежи да бидат совесни и информирани за ограничувањата и опасностите на кои може да се наиде во овој онлајн медиум. Апелираме до сите инволвирани страни како децата, родителите, воспитувачите, граѓанското општество и владата да соработуваат во оваа насока за подигнување на нивната свест и да се гарантира совесно и сигурно користење на онлајн медиумите“, рече Метин Муареми.

И од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) за Порталб.мк велат дека веруваат оти предложената мерка за забрана или ограничување на пристапот до платформата Тик-Ток не е целосно решавање на проблемот.

„За жал, вакви немили настани на насилство извршено од млади луѓе имало и пред постоењето на платформата. За да се спречат вакви ситуации што се случуваа во минатото и се случуваат денес, потребно е да се преземат конкретни превентивни мерки и акции кои би превенирале злоупотреби и би ги заштитиле младите, како на пример, да се вложи повеќе во подобрување на медиумската писменост на младите, учење на младите како да ги користат социјалните медиуми и технологијата за позитивни општествени промени, како и активирање на службите во училиштата (психолози, педагози итн.) да обезбедат поддршка и простор за младите каде ќе може да се изразуваат без осудување и да работат на превенција на насилство“, рекоа од Националниот младински совет на Македонија.

Властите во Северна Македонија, поттикнати од последната трагедија во Србија, излегоа со предлози и изјави за забрана или ограничување на социјалната мрежа ТикТок во земјава.

Фото: Мета.мк

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во понеделникот изјави дека продолжуваат средбите за ограничување на користењето на социјалната мрежа ТикТок во основните и средните училишта.

„Денес продолжуваме со средбите со институциите што треба да проценат каква содржина има и како се користи Тик-Ток. Ако во безбедносните институции се потврди дека неколку ТикТок видеа од ученици се проценети како лоша употреба на платформата, заедно со МИОА и АЕК и другите институции, ќе ги разгледаме сите можности околу начинот на употреба на ТикТок како апликација“, рече Јетон Шаќири.

Тој додаде дека ќе се анализира начинот на користење на другите алатки и социјални мрежи, значи какви ограничувања има во начинот на нивното отворање, потврдување на податоците, внесување на некои податоци итн. За ова ќе се дискутира со психолози, педагози, експерти и Министерството за oбразование и наука, Министерството за труд и социјална политика и со луѓе од образовните сектори во општините.

Вчера реагираше и Министерството за информатично општество и администрација (МИОА) во врска со можноста за забрана на платформата ТикТок и други социјални мрежи во образовните институции. Од МИОА изјавија дека цензурата е регулирана со Уставот на земјата и затоа конечен став за ваква мерка може да произлезе само по координирана активност со институциите на правдата и другите образовни и безбедносни институции во земјава.

Пратеничката и претседателна на Либерал-демократската Партија (ЛДП), Моника Зајкова во саботата побара да се забрани ТикТок и социјалните мрежи што провоцираат насилство, бидејќи како што рече таа, во нашата земја сме биле сведоци на жртви од користењето на социјалните мрежи.

Истиот ден, министерот за образование Јетон Шаќири рече дека ќе ѝ предложи на владата и безбедносните власти итна проценка на ситуацијата на безбедносните ризици, кои според него, во голема мера се хранат од неколку социјални мрежи, како што е ТикТок.

Меѓутоа, за овие предложи сè уште нема одлука од страна на властите во земјава.

Овие реакции и иницијативи од институциите дојдоа откако во помалку од 48 часа во Србија се случија две масовни убиства. Првото се случи на 3-ти мај во едно основно училиште во населбата Врачар во Београд, кога еден 13-годишен ученик на тоа училиште со огнено оружје уби девет лица, осум од кои беа деца и еден возрасен. Од настанот останаа ранети и шест ученици и еден учител. Второто масовно убиство се случи на 4-ти мај во близина на Младеновац. Најмалку осум лица беа убиени во нападот и 14 беа ранети. Осомничениот напаѓач, 21-годишниот Урош Б. беше уапсен.

Пред неколку недели, во Северна Македонија се соочи со голем „ТикТок“ скандал, каде што лекар-анестезиолог ги сними директно жените во гинеколошката сала во Тетовската болница. Истиот е во притвор. Претходно, во февруари годинава младо девојче почина по претрпени изгореници од струен удар, бидејќи се качена на железнички вагон за да се снима за ТикТок. Алармот се вклучи пред неколку месеци и за видео-предизвикот на ТикТок, каде што млади легнуваа на улица и чекаа им се приближи првото возило, за потоа да бегаат.

Порталб.мк уште пред две недели го третираше користењето на социјалните мрежи од страна на младите во земјава.