fbpx

Градот чист пак ќе никне – во Скопје полека се чисти отпадот [галерија]

Директорката на ЈП Комунална хигиена - Скопје, Косана Мазнева Николиќ за Мета.мк вели дека работат постојано, 24 часа, без никаков прекин. Таа тврди дека некаде околу 70 до 80 отсто од вкупната количина на депониран отпад во овие три-четири дена е отстранет

-

Некаде чисто, а некаде сè уште валкано. Вака изгледа Скопје денеска, по еколошката драма што ја доживеа, откако вработени во ЈП Комунална хигиена – Скопје речиси четири дена не го собираа сметот поради штрајк, со барања за повисоки платите, исплата на К-15 и добивање бенифициран стаж, но и барања да се вратат на работа отпуштените колеги.

Вчера во попладневните часови се вратија комуналните работници на работа, и почнаа да го чистат општиот хаос во градот. Во нашата обиколка дополнително забележавме и комунални работници од општините кои отстрануваа смет од контејнерите и тротоарите во главниот град. Забележавме комунални работници од Општина Центар кои го собираа отпадот на улица „Васил Ѓоргов“ во населбата Капиштец. Тие нагласија дека вообичаено не прават ваква работа, но дека ова се вонредни околности.

Од нашата обиколка утринава низ неколку населби во Скопје, можевме да забележиме дека комуналните работници имаат полни раце работа, а во некои делови од главниот град, како во Чаир и делови од Центар, контејнерите, но и тротоарите, сè уште се преполни со ѓубре.

Утринава забележавме исчистени контејнери во општината Карпош, на улиците „Франклин Рузвелт“ и булеварот „Илинден“.

Во Општина Центар пак, по булеварот „Партизански одреди“, мал број од контејнерите беа исчистени, но поголемиот дел беа сѐ уште беа преплавени со смет.

Во Општина Чаир, по булеварите „Крсте Петков Мисирков“ и „Цветан Димов“, отпадот околу контејнерите не беше отстранет, иако забележителни беа работниците од ЈП Комунална Хигиена – Скопје кои метеа во околината.

Во Општина Гази Баба имаше населби каде што евидентно беше дека насобраниот смет го нема, но и делови каде што одложувањето на сметот воопшто не беше ниту почнато.

Мазнева: Работиме 24 часа, без прекини, работниците се премалени

Директорката на ЈП Комунална хигиена – Скопје, Косана Мазнева Николиќ за Мета.мк вели дека работат постојано, 24 часа, без никаков прекин. Таа тврди дека некаде околу 70 до 80 отсто од вкупната количина на депониран отпад во овие три-четири дена е отстранет.

„Се собира целосно отпадот од јавните површини, како би можеле камионите да стигнат до контејнерите и да го фрлат преостанатиот отпад. Територијата на Градот Скопје е прилично голема и широка, така што не престануваме со работа, собрани се огромни количини отпад. Во текот на утрешниот ден ќе излеземе со официјално соопштение. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани за трпението што го имаа во целиот овој период, овие неколку дена и беа изложени на тортура од страна на мафијашка банда која го имаше запоседнато претпријатието и не дозволуваше да се одвива непречено работниот процес“, вели Мазнева за Мета.мк и додава дека во моментов „не се работи во смени, со оглед на тоа дека ова е кризна состојба која сè уште трае“.

„Главните улици ни се приоритет“, истакнува Мазнева. „Навлезени се нашите екипи во сите општини, без исклучок, и во Центар и во Карпош“, додаде Мазнева.

„Работниците се премалени, но наша обврска е да ги услужиме граѓаните, да го оставиме градот чист и со самото тоа да го заштитиме и јавното здравје“, вели таа.

На вчерашната прес-конференција, а и во нашиот разговор со неа, Мазнева обвини дека „мафијашки структури“ го држеле во заложништво јавното претпријатие, но не беше децидна за кого станува збор. Таа рече дека се поднесени пријави до МВР и до Јавното обвинителство.

Мазнева: Заврши работата со мафијашките структури, „Комунална хигиена“ е повторно во функција

Спасовски најавува можни кривични пријави за одговорните за сметот во Скопје

Ако имало недоследности во работењето, ако имало давање на плати на лица кои биле со договор вработени, а не доаѓале на работа и биле злоупотребени буџетски средства, секој еден за оваа работа ќе сноси одговорност.

Ова е ставот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во врска со обвинувањата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и директорката Мазнева – дека помала група вработени повеќе од 15 години, ја држеле третата смена спротивно на законите и на колективниот договор. Некои од нив, рече вчера Арсовска, живееле во Германија и Швајцарија, а земале плата од „Комунална хигиена“.

Министерот Спасовски вели дека доколку имало такво нешто, ќе биде санкционирано, „за да конечно се стави крај на политиканство и игри кои се случуваат на грбот на граѓаните“.

Спасовски рече дека го чека записникот од надлежните инспектори кои на терен ја контролирале состојбата со преполните контејнери и со, како што вели, еколошката катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните, и најавува дека доколку се утврдат елементи за кривично дело ќе бидат поднесени пријави.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...