Аеродром се дави во ѓубре, општината бара Град Скопје итно да преземе мерки

И покрај фактот дека жителите на Аеродром издвојуваат финансиски средства за оваа намена, градската администрација и градското комунално претпријатие и понатаму продолжуваат со неодговорниот однос кон јавната хигиената во општината, велат од Општина Аеродром

Фотографија од граѓани преземена со дозвола

По десетина ургенции, упатени апели и писмени барања до градот Скопје, деновиве повторно Аеродром е пренатрупан со отпад. За жал, главните улици и контејнери кои се во надлежност на Градот Скопје повторно се неисчистени и во лоша состојба, реагираат од Општина Аеродром.

Фотографии од ѓубрето расфрлано околу контејнерите во Општина Аеродром, кое не е исчистено со денови, се споделуваат и на социјалните мрежи, а граѓаните реагираат дека буквално се „дават во смет“.

Фотографија од граѓани, преземена со дозвола

„И покрај фактот дека жителите на Аеродром издвојуваат финансиски средства за оваа намена, градската администрација и градското комунално претпријатие и понатаму продолжуваат со неодговорниот однос кон јавната хигиената во општината“, велат од Општина Аеродром.

Оттаму напоменуваат дека општина Аеродром е важен и неизоставен дел од градот и во таа насока уште еднаш апелираат до Градот Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да ги преземат сите неопходни мерки за подобрување на хигиената во Аеродром.

Вчера од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ изјавија дека ѓубрето во Аеродром редовно се чисти и додадоа дека „неспособноста на градоначалникот на Општина Аеродром е само негова, без разлика колку се обидува да ја префрли на туѓа адреса“.

„Контејнерите кои се надлежност на „Комунална хигиена“ се целосно исчистени, редовно и без отстапки. За жал, општинската служба поради неспособното раководство на општината Аеродром е нефункционална“, соопштија од градското комунално претпријатие.