Измислени изјави за изборите му се атрибуираат на Зеленски

Наспроти изнесеното во постот, Зеленски не изјавил дека избори во Украина нема да има додека не се имплементира некакво големо ресетирање во цел свет

Фото: Укринформ

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, Зеленски не изјавил дека избори во Украина нема да има додека не се имплементира некакво големо ресетирање во цел свет. Не е точно ни дека во изјава за Би Би Си тој признал оти неговиот петгодишен мандат, кој треба да заврши во 2024 година, ќе продолжи на неодредено, ниту пак, има кажано дека „мандатот ќе му трае додека не се исполни агендата на СЕФ и додека Украина не влезе во НАТО”, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фесјбук во кој се вели:

Зеленски изјави дека нема да има повеќе избори во Украина додека програмата „Големото ресетирање“ не биде целосно имплементирана низ целиот свет.
 Во неверојатната изјава за Би-Би-Си, Зеленски призна дека неговиот петгодишен мандат, кој треба да заврши во 2024 година, едноставно ќе се продолжи на неодредено време (❗) додека не се исполни агендата на СЕФ и Украина не влезе во НАТО.
 Зеленски минатиот месец даде слични коментари за Вашингтон пост за претстојните парламентарни избори, кои исто така се одложуваат до крајот на војната. 
И сето тоа ЕУ „демократски“ го поддржува, што само по себе кажува СЕ за „новите вредности“ на ЕУ и Колективниот Запад.
ЕУ е четвртиот рајх и во тоа нема сомнеж!

Во рамките на постот се споделува и фотографија од Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум.

Наспроти изнесеното во постот, Зеленски не изјавил дека избори во Украина нема да има додека не се имплементира некакво големо ресетирање во цел свет. Не е точно ни дека во изјава за Би Би Си тој признал оти неговиот петгодишен мандат кој треба да заврши во 2024 година, ќе продолжи на неодредено, ниту пак, има кажано дека ,,мандатот ќе му трае додека не се исполни агендата на СЕФ и додека Украина не влезе во НАТО”.

Во интервју за Вол Стрит Џрнал (од 6 минута и 15 секунда до 6 минута и 35 секунда) Зеленски вели:
Не сакаме да бидеме во НАТО додека трае војната. Доцна е сега, требаше да сме таму пред 15 години. Разбираме дека нема да бидеме во НАТО или која било моќна алијанса додека трае војната.
Дури и руската Тасс пренесува дека Зеленски кажал на 23 јуни 2023 оти претседателските избори нема да се одржат затоа што Уставот на Украина не дозволува да се одржат додека трае воена состојба. Тоа е единствената причина што изборите можеби нема да се одржат во Украина, затоа што не е уставно да има и избори и војна. Всушност, како што пишува Тасс, Зеленски кажал:
Според законите на Украина, изборите мора да се одржат во мирновременски услови, кога нема војна, рече тој како одговор на прашањето дали ќе има претседателски избори во Украина следната година.

Зеленски прогласи воена состојба во Украина на 24 февруари 2022 и таа беше продолжена неколкупати, а последен пат на 20 мај 2023 година, кога воената состојба беше продолжена за нови 90 дена, до 18 август, се вели во текстот на руската Тасс.

Во ниеден момент Зеленски не спомнал дека нема да има избори во Украина додека не се исполни програмата за големото ресетирање во целиот свет, како што невистинито се тврди во постот.

Програмата за големото ресетирање не е поврзана на никаков начин со Украина. Иницијативата за големиот ресет на Светскиот економски форум е почната 2 години пред воената инвазија на Русија врз Украина. Таа беше почната во јуни 2020 година. Со овој голем ресет се бара пофер распределба и ревитализирање на светската економија после катастрофалните економски ефекти од ковид-19 пандемијата.  А, тоа дека Зеленски кажал дека во Украина нема да има избори додека не се имплементира големиот ресет во цел свет претставува голема измислица.

Не е точно ниту дека во изјава на Би Би Си Зеленски кажал дека неговиот петгодишен мандат кој треба да заврши во 2024 година ќе се продолжи на неодредено додека не се исполни агендата на СЕФ и додека Украина не влезе во НАТО.

Проверувачите на факти на Сноупс пишуваат дека Зеленски изјавил оти за одржување на избори во Украина, војната мора да е завршена. Како што пренесува New Voice of Ukraine:

На 22 јуни 2023 претседателот Володимир Зеленски за Би Би Си изјави дека парламентарните избори од 2023 и претседателските избори од 2024 ќе се случат само ако воената состојба заврши дотогаш.

И Националниот совет за безбедност и одбрана објави дека нема да има избори за време на воена состојба во Украина.

Што се однесува на тврдењето во постот дека „ЕУ е четвртиот рајх кој го поддржува неодржувањето на избори во Украина“, станува збор за манипулативен спин, со оглед на тоа што ЕУ нема никакво право, ниту пак, се меша во внатрешно регулираните демократски прашања на една суверена држава каква што е Украина, особено кога станува збор за материја којашто е регулирана со Уставот на Украина, кој е највисокиот акт на државата.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Ни Клаус Шваб, ни Светскиот економски форум не биле споменати во изјави од Зеленски во контекст на тоа дека нема да се одржуваат избори во Украина. Не е вистина оти Зеленски кажал дека избори нема да има додека не се оствари големото ресетирање во целиот свет. Исто така, не е точно дека Зеленски кажал дека во Украина ќе нема избори додека таа не влезе во НАТО. Тој има кажано дека во Украина нема да има избори додека е прогласена воена состојба.

hubmk