fbpx

Град Скопје: Тендерот за изградба на првата БРТ-линија е стопиран, нема понуди од компании

-

Вчера заврши првата фаза од тендерската постапка за изградба на првата линија од брзиот автобуски превоз – БРТ од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Тендерската постапка што е објавена на веб-страницата на ЕБОР предвидуваше заинтересирани компании за учество на тендерот до Градот Скопје да ги достават своите претквалификациски понуди.

Од Градот Скопје за Мета.мк информираат дека тендерската постапка е стопирана и поради тоа не се пристигнати понуди од заинтересирани компании.

Самиот тендер требаше да се спроведе во две фази, при што во оваа првична фаза најпрво беше планирано да се изберат компаниите и конзорциумите кои ги задоволуваат критериумите на тендерот кои би се пласирале во втората квалификациска фаза, од која што на крајот требаше да се избере најповолниот понудувач.

Инаку, тендерот за изградба на првата БРТ-линија беше распишан кон крајот на октомври годинава. Планирано беше на трасата со должина од 12,81 километри да се движат еколошки автобуси долги 18 метри, да има 21 автобуска постојка долж целата траса, како и 2 терминала во Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Со имплементацијата, се очекуваше времето на патување со јавниот превоз од сегашните 70 минути да се преполови на 35 минути за граѓаните кои го користат јавниот превоз.

Тендерот следеше откако во април годинава беше потпишан договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за земање кредит од 70 милиони евра за изведба на двете БРТ линии во Скопје. Проектот за БРТ беше разгледан од ЕБОР, а задолжувањето на земјава помина на гласање и во Собранието на РСМ.

Од новото градско раководство за Мета.мк велат дека БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Од Град Скопје појаснуваат дека во моментов се водат преговори со ЕБОР и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното. Градоначалничката Данела Арсовска останува на ставот за воведување на референдумот како пракса за изјаснување на скопјани за поголемите прашања за градот.

„Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи“, се вели во одговорот од Град Скопје.

Експертите, веднаш по најавата за прекин на реализацијата на БРТ проектот, ја советуваа новата скопска градоначалничка да не брза со донесувањето на стратешки одлуки за скопскиот јавен превоз, додавајќи дека БРТ проектот во Скопје бил прифатен со големо воодушевување од преставниците на ЕБОР, кои се многу строги во поглед на проектите кои ги финансираат.

„Скопје не може да ги намали проблемите со метеж во сообраќајот, зголемено загадување, недостаток на паркинг простор, ако не се понуди високо квалитетен јавен градски превоз кој би бил доволно привлечен, за дел од денешните корисници на автомобили да откријат дека попогодно за нив е ако користат јавен градски превоз“, изјави професорот по јавен градски превоз на Техничкиот факултет во Битола Никола Крстаноски.

Во однос на набавката на 250 нови еколошки автобуси и изворите на финансирање кои би ја покриле финансиската конструкција на новата градска администрација, од Град Скопје пак велат дека веќе се во комуникација со странски експерти кои имаат искуство во доменот на обезбедување на грантови за еко проекти.
Инаку, Скопје зад себе во изминативе три и пол децении има еден неуспешен референдум за изградба на трамвај во Скопје кон крајот на 80-тите години од минатиот век, цела серија на физибилити студии и проектни документации за изградба на класичен трамвај и БРТ, распишани и неуспешни тендерски постапки за нив, замисла за изградба на градско-приградска железница, како и идеен проект од изведба на подземна трамвајска траса од Карпош 4 до Ново Лисиче од хрватската компанија ЗЕТ-Загреб.
И покрај целокупната документација, алтернативен јавен превоз во градот нема, иако бројот на жители во главниот град неуморно расте од година во година, а лани бројот на официјално регистрирани возила во Скопје надмина 150.000. За споредба, во 2012 година биле регистрирани 122.400 возила во главниот град. Градските власти немаат прецизни бројки и за тоа колкав број на граѓани и возила дневно од другите градови влегуваат во Скопје, а коишто дополнително го усложнуваат сообраќајниот метеж.
Наспроти ова, Мета.мк веќе пишуваше дека според податоците на ЈСП-Скопје, просечната брзина на движење на автобусите од градско-приградските линии низ годините во континуитет опаѓа. Просекот на движење на автобусите од јавниот превоз во 2013 година бил 19,65 километри на час, а во 2019 година тој опаднал на 18,39 километри на час.
И бројот на патници што го користат скопскиот јавен превоз опаѓа во континуитет низ годините. Според податоците на ЈСП-Скопје, во 2014 година биле превезени 52,9 милиони патници, по што обемот на користење на јавниот превоз се намалува од година во година, за да во 2019 година достигне 44,2 милиони патници. Со ширењето на ковид-19 пандемијата, овој број на превезени патници лани се намали на 21,4 милиони патници.
Инаку, долгонајавуваната можност за воведување на алтернативен јавен превоз во Скопје денес се наоѓа во слична ситуација како во периодот на одржување на локалните избори во 2009 година. Тогашниот градоначалник во заминување Трифун Костовски беше принуден да го поништи тендерот за изградба на првата трамвајска линија од Ново Лисиче до центарот на Скопје, откако тогашниот состав на Антикорупциската комисија побара да се сопре реализацијата на тендерот за трамвајот.
Новиот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски не се согласуваше со моделот за изградба на трамвајот во Скопје на дотогашниот градоначалник Трифун Костовски. Наместо изведба на трамвајската линија, со поддршка на владата, тогашното градско раководство ја започна набавката на нови украински автобуси од „ЛАЗ“ и двокатни автобуси од „Јутонг“. Возниот парк на ЈСП-Скопје целосно се модернизираше, па така пред набавката на автобусите ЈСП во 2009 година имаше 48.633.000 патници, за по нивната набавка бројот на патници да се зголеми до 52 милиони патници. Но потоа, оваа бројка на превезени патници се намалуваше, за да се сведе на 44,2 милиони во 2019 година пред почетокот на ковид-19 пандемијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...