Никола Дукоски беше македонски претставник на Европското слем првенство во Брисел

Изведбата на Никола Дукоски / фото: Guikje Peijnenborg & Katharina Wenty for WPSO

Македонскиот слемер Никола Дукоски ја претставуваше Македонија на Европското слем првенство во Брисел, Белгија, кое се одржа од 8 до 10 декември годинава. Дукоски се натпреваруваше заедно со 19 други национални претставници и претставнички од вкупно 20 европски земји.

Овогодинешна земја-победничка на Европското слем првенство е Белгија, а победата ѝ ја однесе претставничката Мари Дара.

Како што соопштија од „Поетри Слем Македонија“, тридневниот фестивал понуди различни програми кои можеше да се следат со физичко присуство и онлајн. Дел од фестивалот беа дебати, форуми, работилници и големото слем финале.

Жирирањето на финалето беше комбинирано – со избор од петчлено жири и од публиката, избор од национално жири од секоја земја-учесничка и глобално онлајн гласање. Претставник на македонското национално жири беше Валерија Дамчевска, која го освои третото место на националниот слем натрпевар во Прилеп оваа година.

„Европското слем првенство сè уште трае во сите изведувач(к)и кои во ниту еден момент не се почувствуваме како натпреварувач(к)и. Трае затоа што се поврзавме со разговори, уметност, поезија, музика, духовност и, пред сè, човечност. Организацијата беше одлична а слем перформансите се случуваа и зад сцената каде сите уживавме“, изјави македонскиот претставник, слемерот Никола Дукоски.

Дамчевска вели дека нашата земја сè уште се запознава со слем поезијата и огромен дел од луѓето не знаат што воопшто претставува слемот, иако слемерите и слемерките интензивно работат што поголем број на сограѓани да се запознаат и вклучат во ваквиот тип на поезија и перформанс.

„Ова ми беше прв пат јас да оценувам, а не да бидам оценувана, откако „запливав“ во водите на слем поезијата. Ми претставуваше огромна чест што лично јас бев избрана да ја претставувам нашата држава на ваков голем настан. Иако го следев првенството онлајн и се вклучив онлајн, целиот процес, за мене претставуваше голема одговорност, но пред сè предизвик да се дадат оцени на најдобрите во Европа. Само на ваков голем настан може да видите толку многу различни изведби, секоја уникатна и пренесена на свој начин, со моќни пораки кои остануваат врежани во увото на слушател(к)ите. Слемот е најдобриот начин да се раскаже некаква приказна или ситуација, оставајќи силен впечаток со пренесувањето. Сепак на крајот на краиштата, нашиот Никола е најдобар според мене и се претстави и нè претстави во најдобро светло пред европската публика“, рече Дамчевска.

Организатор на Европското слем првенство е Светската организација на слем поезија.