Излезе од печат „Антологија на македонската слем-поезија“

фото: „Антологија на македонската слем-поезија“ / издавач: Театарска работилница - Прилеп

Денеска излезе од печат „Антологија на македонската слем-поезија“, прва и единствена книга од ваков тип во земјава, соопштија од „Поетри Слем Македонија“.

Во книгата се сместени најдобрите слем-песни од најактуелните и најактивните слем-поети и слем-поетеси, како и слемерите со најголеми достигнувања за македонскиот слем во земајва и во странство.

Во „Антологија на македонската слем-поезија“ се застапени 10 автори и авторки: Цвета Колева, Перо Сарџоски, Марија Грубор, Лиле Јовановска, Исток Улчар, Игор Трпчески – Трпче, Елена Пренџова, Горазд Китановски – Кени, Афродита Николова и Аница Блажевска.

Некои од авторите се учесници на Националниот слем-натпревар или пак биле национални претставници на Европското слем-првенство во текот на изминативе години, додека други се дел од тимот на Поетри-слем уште од самите почетоци на слемот во Македонија.

Антологијата е двојазична – напишана на македонски и на англиски јазик. Уредничка на книгата е Елена Пренџова, дизајнот на корицата е на Владимир Лукаш, додека издавач е „Театарска работилница – Прилеп“.

Воедно, ова е последниот реализиран проект на Театарската работилница – Прилеп за оваа година, по единаесеттиот Национален слем-натпревар и претставата „Мендо и Мајло“.