Македонија со свој учесник на Светското слем првенство на вицешампион(к)и

фото: Светска организација за слем поезија

По долги години пауза, по вторпат македонски претставник ќе учествува на светско првенство во слем-поезија, соопштија од Поетри слем – Македонија.

Станува збор за новото Светско првенство на вицешампион(к)и, што за првпат се организира по иницијатива на Светската организација за слем-поезија, во која членуваат сите земји во светот со активна слем сцена, вклучително и од кај нас.

Светското првенство ќе се одржи онлајн од 19 до 21 март, под мотото „Да им дадеме втора шанса на националните вицешампион(к)и“.

Од вкупно 48 земји од целиот свет со активна национална слем-сцена, на Светското првенство за вицешампиони ќе учествуваат 27 земји. Македонски претставник е Зоран Хемфри Димоски, слем-победникот за 2020 година, поради тоа што неговото учество на Европското слем-првенство беше заменето со учеството на второпласираниот Никола Дукоски, појаснуваат од „Поетри слем“.

На ова Светско слем- првенство на вицешампиони ќе се одржат два полуфинални настапа, во сабота и недела, додека главното финале ќе се случи во понеделник, на 21 март – Светскиот ден на поезијата. Во финалето ќе се натпреваруваат десетте најдобри слемери од полуфиналните вечери, а победникот или победничката ќе има можност да настапи и на Светското слем- првенство во септември годинава.

Димоски, кој ќе настапи во второто полуфинале во недела, е вториот македонски слемер кој учествува на ваков настан од светски рамки, додека прва беше слемерката Афродита Николова која се натпреваруваше на Светското- слем првенство во Малме, Шведска во 2016 година.

Трите вечери ќе може да се проследат онлајн на официјалната Фејбук страница на „Поетри слем – Македонија“, како и на Јутјуб и веб-страницата на Светската организација за слем-поезија, со почеток во 22:00 часот.