„Има индиции што говорат дека огромни износи пари незаконски се одлеваат надвор од Македонија. Во годишниот извештај на „Глобал фајненшал интегрити“ имаше процена дека од 2004 до 2013 година се одлеале повеќе од 5 милијарди долари или годишно, во просек, се одлевале 516 милиони долари незаконски средства од Македонија“, вели поранешниот гувернер Петар Гошев, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.

Според Гошев, треба да се истражи каде тие големи износи се одлеваат, затоа што, според него, вкупниот правно-економски систем е нефункционален, коруптивен, затајуваат контролните механизми речиси на сите нивоа.

Во однос на последните политички случувања и одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на политичари, Гошев смета дека ова што се случува „заслужува експлозија од незадоволство што ќе ја збрише оваа власт од нејзините запоседнати места.“