Германските власти соопштија дека денеска претресле станови на четири муслимански свештеници осомничени за шпионирање на противници на турската влада.

Германското обвинителство соопшти дека утринската акција била изведена за собирање докази и дека засега никој не е уапсен.

Неименуваните свештеници се сомничат дека ги шпионирале приврзаниците на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД и кого турската влада го обвини за организирање на минатогодишниот обид за државен удар.

Обвинителството соопшти дека четворицата свештеници се поврзани со Турско-исламската унија за религиски прашања, една од најголемите исламски организации во Германија, но одбија да откријат повеќе детали.