Никој не треба да им застанува на патот на истрагите на Специјалното јавно обвинителство бидејќи во спротивно нема да има одржлива разврска на политичката криза, вели амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, во својот коментар за истрагата на СЈО во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Гарет, без да коментира конкретни детали од истрагата, ја истакнува важноста на работата на СЈО и потсетува дека оваа институција е формирана со договор меѓу четирите најголеми политички партии и дека беше едногласно поддржана од Собранието.

„Нема да коментирам конкретни детали од истрагата, но ќе посочам колку е важна работата на Специјалното јавно обвинителство. Ним им е доделена тешка задача да ги истражат наводите од прислушуваните материјали и да утврдат дали во нив има случај за кој треба да се одговара. Специјалното јавно обвинителство беше договорено од страна на четворицата лидери на главните политички партии и едногласно поддржано од Собранието. Според тоа, никој не треба да ѝ застанува на патот на оваа важна работа бидејќи ако овие наводи не бидат соодветно истражени, не може да има одржлива разврска на политичката криза“, вели британскиот амбасадор.

Од Амбасадата на САД во Скопје, претходно изјавија дека на специјалната јавна обвинителка мора да ѝ биде овозможено да спроведе целосна и независна истрага, без никакви опструкции, а државните институции и политичките партии треба да соработуваат.

Истовремено, Делегацијата на Европската Унија во земјава ги повика сите страни да се придржуваат до договореното и да не вршат опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство.