Гардијан: Сиромашните земји ќе добиваат финансии од фонд за климатска акција

Извор на фотографија: УНДП

План за формирање на финансиски фонд за климатска акција е потребен за да се добие поддршка од земјите во развој за постигнување на било каков договор на претстојната Конференција за климатски промени на ОН (КОП 26), пишува Гардијан.

Ваквите финансии треба да им помогнат на најсиромашните земји во светот да се справат со предизвиците за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата, односно да се надмине јазот помеѓу земјите во развој и развиените земји.

Владата на Обединетото Кралство, заедно со Германија и Канада, денеска ги претставуваат предлозите на планот за климатско финансирање, којшто е неопходен за земјите во развој да ги прифатат целите од евентуалниот договор што би се постигнал на КОП 26 во Глазгов.

„Развиените земји мора да ги исполнат 100-те милијарди долари годишно ветени за земјите во развој“, изјави британскиот министер Алок Шарма.

Дополнителни финансии веќе се ветени од САД, Германија, Канада, Јапонија и други земји, но ќе бидат потребни додатни средства.

На 26-тата Конференција за климатски промени на ОН светските лидери ќе треба да се договорат за намалување на емисиите на стакленички гасови во светот. Помалку развиените земји загадуваат помалку во споредба со најразвиените земји, но нивниот забрзан развој и немањето на доволно средства за борба против климатските промени ги прави овие земји проблематични за исполнување на зацртаните цели на претстојната Конференција.

Инаку, секоја земја требаше да изготви сопствен план за намалување на емисиите на стакленички гасови пред одржувањето на КОП 26 во Глазгов, а ваков план веќе изработи и Северна Македонија.