(Галерија) Младите беа главни актери на велосипедските дефилеа низ земјава

Фото: Град Скопје

Во повеќе градови низ земјава денеска се одржаа велосипедски дефилеа на кои младите лица, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето го имаа главниот збор. Со возење велосипеди и затворен дел од улиците, беше одбележан 22 Септември – меѓународниот Ден без автомобили и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ).

Во велосипедските паради по градските улици и булевари кои се одржаа во Велес, Прилеп, Скопје, Струмица, Битола и Берово се приклучија и повеќе граѓани, при што младите беа најбројни учесници.

И во Скопје денеска се возеа велосипеди низ затворените улици. Младите од главниот град предничеа меѓу големиот број на граѓани што се приклучија на Велосипедското дефиле од паркот „Ибни Пајко“ до Градскиот парк.

Покрај возењето точак по затворените скопски улици, на Школка во Градскиот парк денеска се одржа лотарија и музички хепенинг за учесниците на дефилето.

Од Градот Скопје информираат дека во рамките на Европската недела на мобилност изминатава недела се организираа серија на настани, вклучувајќи онлајн работилници со ученици од основното и средното образование за промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност, како и активности за промоција на развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот.

Оваа година кампањата во ЕУ под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“ е со цел да се промовираат алтернативните, одржливите и заедничките форми на транспорт како начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација.