Финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развоj (ФИТР) преку јавниот повик „Стартапувај 2“ ќе добијат 84 стартап компании. Од вкупно 235 компании кои аплицирале во рамките на овој јавен повик, 203 ја поминале фазата на административна проверка, а 181 продолжиле во финална селекција. Државата во 84-те компании ќе вложи 2,35 милиони евра, најавија на денешната прес-конференција заменик-претседател на Владата на РСМ за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Како што соопштија од Владата, во рамките на првиот бран од повикот беа поддржани 53 компании, но поради квалитетниот број апликации, по препорака на Комитетот за одобрување на инвестиции, беа обезбедени дополнителни милион евра за поддршка на уште 31 микро и мали стартап компании. Вкупните инвестиции изнесуваат над 3 милиони евра, од кои 77 отсто, односно 2,35 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска Банка, а 23 отсто, речиси 702 илјади евра, се средства што ќе ги обезбедат самите компании.

„Во изминатите три години покажавме и докажавме како треба и како се поддржуваат луѓето кои имаат добри идеи. Го етаблиравме Фондот за иновации како дом за секој храбар, млад човек со конкретна идеја. Само во овие 3 години, заедно со оние кои денес ги објавуваме, поддржани се или ќе се поддржат повеќе од 500 домашни компании. Во најголемиот дел станува збор за микро и мали фирми, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 30-ина компании. Ова се компании кои ќе реализираат проекти во вредност од 73 милиони евра, вкупен обем на инвестиции, и влог на компаниите и поддршка од ФИТР“, рече вицепремиерот Битиќи.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави зголемена поддршка и нови владини мерки за стартап компаниите.

„Убеден сум дека има многу млади луѓе кои имаат идеи, само треба да ги охрабриме, да им дадеме можност, да не ги спречиме во исполнување, а на таков начин ќе креираме и подобра економија, но истовремено и подобар животен стандард за граѓаните и подобро платени работни места“, истакна Бектеши.

Тој додаде дека пред три години државата не издвојувала ниту 1,5 милиони евра за стартап бизниси, а сега, само во период од една година буџетот за оваа намена е зголемен за 10 пати.

Според директорот на ФИТР Деспотовски, за три години се покренати инвестиции од над 73 милиони евра, од кои над 40 отсто се влог на домашните компании. Само во 2019 година, фирмите што користат средства од Фондот уплатиле на име придонеси и данок на добивка, за 3,5 милиони евра повеќе средства во буџетот, отколку што Фондот исплатил кон проектите. Тоа се 3,5 милиони евра повеќе за болници, училишта, наставен кадар и медицински персонал, за пензии, социјала.

„Семејството на ФИТР брои над 500 компании, но речиси 55 отсто од нив, односно 299 се токму стартап компании. Во нив вложуваме над 17 милиони евра. До 2017 биле поддржани само 30 стартап компании, со 850.000 евра“, рече Деспотовски.

Инаку, стартап компаниите избрани на овој повик ќе работат на проекти во 15 различни области, меѓу кои, во медицина, градежништво, земјоделство и ИТ технологии. Во најголем дел се микро (75) и мали (9) компании. Со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 280 лица, ќе вработат дополнителни 246 луѓе со просечна плата речиси 600 евра.