По повод одбележувањето на 21 Септември – Меѓународниот ден на мирот, активистите Јетмир Асани и Валон Кучи, во соработка со уметникот Дако Ѓи и Мировна Организација – Мировна Акција, го изработија графитот „Ѕид на мирот“ во Старата скопска чаршија. Во разговорот за „ЦИВИЛ Медиа“, тие објаснуваат дека графитот посветен на мирот е изработен на ѕид на којшто биле испишани пораки со говор на омраза.
„Токму во овој дел од Скопје, еден дел од улицата припаѓа под Општина Чаир, а другиот дел е во општина Центар. Сакаме секој кој сега ќе помине низ Чаршијата, да го забележи графитот и да ги прифати пораките за слобода, правда, мир, еднаквост… Со овие пораки за мир и слобода ги покривме грдите пораки од претходно“, посочува активистот Валон Кучи за „ЦИВИЛ Медиа“.
Двајцата активисти велат дека нема да застанат само на изработката на овој графит, туку и дека ќе покренат иницијатива до општина Чаир и Град Скопје за улицата на која е нацртан графитот, од „Градишка“, да се преименува во „Улица на мирот“.
Погледнете го целиот разговор со активистите на следниов линк.