Венко Филипче | Фото: Принтксрин, Влада на РСМ

Со ширењето лажни вести се загрозува јавното здравје, а тоа е сериозна работа, ние имаме сериозен проблем, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција на која заедно со премиерот Зоран Заев ја промовираа кампањата „Вакцинирај Се“ насочена против дезинформациите за вакцинацијата и за зголемување на имунизацијата.

– Ги слушаме сите ставови на протестите, но досега не сме чуле издржана аргументација во однос на тоа зошто да не се вакцинираат граѓаните. Во исто време сум среќен за бројот на граѓание кои се вакцинираат, тоа е сериозен глас на граѓаните. Со тоа расте опфатот. Лекарската комора сериозно ги анализира сите написи и ќе излезе со својот став – рече Филипче одговарајќи на прашањето дали ќе има некакви последици за докторите и медицинските лица кои отворено шират дезинформации.

Филипче кажа дека засега нема план за вакцинирање на децата.

– Анализираме искуства на некои европски земји. Се што може да значи дополнителна заштита на здравјето би прифатиле, но мора да сме сигурни дека тоа би било ефективно, дека ќе даде некаков резултат. Во Министерството за образование и наука, заедно со Комисијата за заразни болести беа изработени протоколи за спроведување на наставата и во училиштата ќе се функционира соглсно истите – додаде министерот.