По режисерот Столе Попов, и новиот тим на ИФФК „Браќа Манаки “ се задолжи до гуша кај битолчани.
Фирми кои за време на фестивалот годинава имале склучено договори за вршење услуги, велат дека останале со куси ракави. По три месеци од завршувањето на 36. издание на фестивалот, не виделе ниту денар за сработеното.
Сакајќи да останат анонимни, дел од фирмите ангажирани за фестивалот велат дека последно им било кажано дека до почетокот на декември конечно ќе бидат исплатени, ама тоа не се случило.
– Фестивалот ни должи по неколку стотици илјади денари, а на некои фирми и повеќе. Контактиравме со сметководството на фестивалот и ни кажаа дека никому не се исплатени парите за извршените услуги и дека се чекаат финансии од Министерството за култура. Ни ветија дека до 1 декември сè ќе биде исплатено, но, еве, помина и половина од овој месец, а нема абер дека парите ќе ги земеме. И ние имаме вработени за плаќање, вака не може – реагираат револтирано од неколку фирми во Битола, кои биле ангажирани за потребите на фестивалот.
Преку прес-тимот на ИФФК „Браќа Манаки“, побаравме одговор од директорот Димитар Николовски-Таки, зошто фестивалот не им префрлил ниту денар на битолски фирми кои соработувале на годинешното издание на „Браќа Манаки“.
– Поголемиот дел од фирмите со кои ИФФК „Браќа Манаки“ соработувал за своето 36. издание се веќе исплатени. Мал дел од нив, според потпишаните договори, ќе бидат исплатени штом Агенцијата за филм ќе ја префрли последната рата од парите одобрени за поддршка на фестивалот за годинава – се вели во писмениот одговор од фестивалската управа.
Од фестивалот со бројки појаснуваат со колкав буџет располагаат оваа година.
– Буџетот од Агенцијата за филм изнесува 7.700.000 денари (објавено во март 2015, на прес-конференција на тогашниот директор на Агенцијата, Дарко Башески). Општина Битола го поддржа фестивалот со 3.250.000 денари – стои понатаму во одговорот од ИФФК „Браќа Манаки“.
Режисерот Столе Попов, кога го снимаше филмот „До балчак“ во Битола, остана должен кај дузина дуќанџии, кои ги затворија дуќаните за потребите на филмот, но и во неколку фирми и кафеани од каде што биле користени услуги.
Дуќанџиите ги тужеа филмаџиите за да си ги наплатат побарувањата. Без пари останаа и дел од актерите на филмот, иако „До балчак“ доби три милиони евра државни пари.
А.Б.