fbpx

(АНАЛИЗА) Пред пратениците четири закони за задолжување тешки 245 милиони евра

Владата бара да се изгласаат по скратена постапка, пишува Порталб.мк анализирајќи ги документите за овие нови заеми, за што ќе се трошат и колкави камати ќе се плаќаат

-

Четири нови заеми со сила на закон се испратени во Собранието на усвојување. Владата бара да се изгласаат по скратена постапка, пишува Порталб.мк анализирајќи ги документите за овие нови заеми, за што ќе се трошат и колкави камати ќе се плаќаат.

Заем од Француската агенција за развој АДФ во износ од 50 милиони евра

Преку државната Развојна банка, Владата одлучи да земе заем во износ од 50.000.000 евра. Целта на овој заем, како што се наведува во законскиот текст, е да се помогне на малите и средни претпријатија кои се соочуваат со проблеми поради светската енергетска и економска криза. Заемот ќе го земе Развојната банка на РСМ а државата ќе издаде гаранција за истиот.

„Кредитната линија ќе се користи за поддршка на фирмите за финансирање на зелени и општествено одговорни инвестиции“, се наведува во документите.

Заемот ќе се повлекува во најмногу 10 транши, а минималниот износ на една рата ќе изнесува 3.000.000 евра. Рокот за отплата е 15 години со вклучен грејс период од шест години. Развојната банка ќе ѝ плати на Француската агенција за развој еднократна провизија во висина од 0,4 % од вкупниот износ на заемот. По истекот на втората година провизијата ќе изнесува 0,15% а по истекот на третата година ќе исплати провизија од 0,25% за неповлечените средства. Каматата може да биде фиксна или променлива, но не пониска од 0.25 % а се предвидува дополнителни 3,5% затезна камата доколку основната камата не се плати во утврдениот рок.

Заем од ЕБОР во износ од 5 милиони евра

Уште еден закон за заем кој Владата го предложи во скратена постапка – 5.000.000 евра од Европската банка за обнова и развој. Кредитниот пакет е наменет за Проектот за заеднички железнички граничен премин Табановце, како дел од железничкиот Коридор 10. Носител на заемот е Министерството за транспорт и врски кое веќе обезбедило и грант од 2 400 000 евра за овој проект.

Минималниот износ на траншата од заемот од ЕБОР се предвидува да биде 500.000 евра, а истата сума ќе се плати доколку има предвремена отплата или откажување. Стапката на провизија изнесува 0,25% а еднократната провизија 50 000 евра. Вкупната сума во износ од 7 400 000 евра според предлог законот ќе се троши наменски.

„Реновирање на постојната железничка станица во Табановце, изградба на нови згради и придружна опрема за железничката станица како и изградба на Пристапен пат во должина од околу 900 метри. Сите градежни работи се очекува да се завршат во рок од 24 месеци од доделувањето на договорот за градежни работи“, се наведува во Договорот.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од четири години. Заемот ќе се отплаќа на 22 полугодишни рати.

Заем од ЕУ во износ од 100 милиони евра

И овој предлог-закон за заем од Европската унија се предвидува да го помине собранискиот филтер по скратена постапка. Носители на заемот е Владата, односно Министерството за финансии, а Народната банка ќе биде во улога на „агент“. Заемот е одобрен во јули годинава од страна на ЕУ. Станува збор за 100 милиони евра со просечен рок на отплата од 15 години. Парите ќе се повлечат во две транши.

„Средствата се доделени за надминување на ситуацијата предизвикана од војната во Украина и енергетската криза, заради кои дојде до зголемување на цените на производите. Заемот се доделува заедно со помошта од ММФ во износ од 406,8 милиони специјални права на влечење во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), усвоен од страна на Одборот на извршни директори на ММФ во ноември 2022 година“, се наведува во документите.

Сумата од 100 милиони евра се дефинира како буџетска поддршка и ќе се враќа од Буџетот.

Заем од Кредитна банка за обнова КфВ – Германија во износ од 90 милиони евра

Македонија во јуни го побара а Кредитната банка за обнова КфВ – Германија во јули ни го одбори заемот во износ од 90.000.000 евра. Уште едно задолжување е пред пратениците – на усвојување по скратена постапка. Овој кредит треба да се троши наменски, а таргетиран е енергетскиот сектор а треба да помогне за надминување на состојбата поради војната во Украина.

„Доделувањето и користењето на заемот е условено со спроведување на активностите од Програмата за реформи, чии цели се стабилизација и декарбонизација на енергетскиот сектор“, се наведува во документите.

Кредитот ќе се користи за резерви или како директна поддршка на Буџетот, а ќе биде повлечен во една транша, веднаш по финализирање на процедурите. Рокот за отплата е 12 години и 5 месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка ќе се утврдува за траншата од заемот при нејзино повлекување. Еднократната провизија изнесува 0,5% од износот на заемот а предвидена е и провизија од 0,25% на неповлечените средства која ќе се плаќа полугодишно. Првата рата ќе доспее во ноември 2026 година во износ од 4.736.000 евра и оваа сума ќе се отплаќа полугодишно, секој ноември и мај до 2035 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...