Отпуштениот Сем Алтман се враќа на директорското место во „Опен АИ“

Лидерската битка во „Опен АИ“ започна ненадејно во петокот, кога одборот на компанијата објави дека го отпушта Алтман, велејќи дека ја изгубила довербата во неговото раководство. По ова, речиси целиот персонал во компанијата се закани оти ќе поднесе оставка

Сем Алтман / TechCrunch, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Коосновачот на „Опен АИ“, Сем Алтман, ќе се врати како шеф само неколку дена откако беше отпуштен од управниот одбор, соопшти компанијата, а пренесе Би-би-си. Договорот вклучува и именување на нови членови на управниот одбор.

Овој потег следува откако Алтман беше отпуштен од „Опен АИ“ во петокот, по што следуваше отворено писмо од персоналот кој се закани дека ќе поднесе оставка доколку Алтман не биде вратен на функцијата.

„Со нетрпение очекувам да се вратам во ‘Опен АИ’. Ја сакам ‘Опен АИ’ и сè што направив во изминатите неколку дена беше во функција на одржување на овој тим и неговата мисија заедно“, напиша Алтман на социјалната мрежа „Х“.

Тој додаде дека компанијата ќе го надогради своето „силно партнерство со Мајкрософт“.

Минатата недела, одборот на „Опен АИ“ одлучи да го отпушти Алтман, по што следуваше оставка од директорот и коосновач Грег Брокман. Ова предизвика хаос во компанијата за вештачка интелигенција.

Мајкрософт, инаку најголемиот инвеститор во „Опен АИ“, по отпуштањето му понуди на Алтман работа да води нов напреден истражувачки тим за вештачка интелигенција.

Емет Шир, кој беше назначен за привремен извршен директор на „Опен АИ“ рече дека е задоволен од враќањето на Алтман по „72 многу интензивни часови работа“.

Лидерската битка во „Опен АИ“ започна ненадејно во петокот, кога одборот на компанијата објави дека го отпушта Алтман, велејќи дека ја изгубила довербата во неговото раководство. Ова потоа доведе до потег речиси целиот персонал на компанијата, односно повеќе од 700 лица, да потпишат отворено писмо во кое се закануваат дека ќе си заминат доколку одборот не си поднесе оставка.