Поранешниот шеф на „Твич“ е нов директор на „Опен АИ“, Алтман во „Мајкрософт“

Управниот одбор на „Опен АИ“ го отпушти Сем Алтман во петокот, тврдејќи оти ја изгубиле довербата во него

Емет Шир / Web Summit, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ објави дека Сем Алтман се придружува во неговиот тим, соборувајќи ги шпекулациите дека поранешниот извршен директор на „Опен АИ“ би можел да се врати во оваа компанија која што стои зад популарниот четбот ChatGPT.

Главниот извршен директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, на социјалната мрежа „Х“ напиша дека Алтман ќе се придружи во компанијата за да води „нов напреден тим за истражување на вештачката интелигенција“.

Во меѓувреме, нов шеф на „Опен АИ“ ќе стане поранешниот извршен директор на платформата „Twitch“ (Твич), Емет Шир, јави Би-би-си.

Шир ја потврди веста на „Х“, опишувајќи ја како „можност што се случува еднаш во животот“.

Управниот одбор на „Опен АИ“ го отпушти Сем Алтман во петокот, тврдејќи оти ја изгубиле довербата во него. Алтман помогна во лансирањето на фирмата што го создаде ChatGPT и беше лицето на нејзиниот подем. Тој се смета за една од највлијателните личности во брзорастечкиот простор на генеративна вештачка интелигенција, а неговото отпуштање предизвика шок во индустријата.

Следуваа бурни реакции и од персоналот и инвеститорите на „Опен АИ“, што поттикна шпекулации дека тој би можел да биде вратен на функцијата.

Сепак, Алтман се придружува на „Мајкрософт“ – компанијата која инвестираше милијарди долари во производителот на ChatGPT.