„Наследниците на Манаки“: Младите ја продолжуваат приказната на браќата Манаки за Битола

Во рамки на Офф програмата, секој ден, почнувајќи од денеска па до 29 септември, во Културниот центар „Магаза“ ќе се одржуваат презентации, изложби и работилници

Фото: Организатори на настанот

Филмот има многу дефиниции. Тој е раскажување приказни, откривање внатрешни светови. Филмот ќе се развива сè додека се развива технологијата. Ова денеска, на младите битолчани им го кажа режисерката Марија Џиџева, која ја води филмската работилница што се одржа во Културниот центар „Магаза“.

Работилницата се одржа во рамки на настанот „Наследниците на Манаки“, кој пак, е дел од Офф програмата во склоп на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Вие сте нова генерација, родени сте со технологија. Знаете да ги користите паметните телефони, знаете да снимате. Јас кога студирав, првпат камера видов токму тогаш, на студиите. Се пишуваше на рака и на машина за чукање“, рече Џиџева.

Таа потсети дека минатата година не постоеше ChatGPT и АI, а веќе сега, младите ги користат придобивките од најновата технологија. Освен тоа, младите имаа можност да погледнат дел од првите филмови кои ги направиле браќата Милтон и Јанаки Манаки.

„Кога се изработувале првите филмови, тие немале звук. На крајот на 19 и почетокот на 20 век, на луѓето им било интересно снимањето, односно снимките од секојдневниот живот кои ги правеле браќата Манаки. А денеска, сега сите вие ставате „сториња“, ставате видеа на „ТикТок“, објавувате сè што ви се случува, од родендени, забави, снимате постојано, па гледате колку прегледи имате, колку „лајкови“, им рече режисерката на присутните ученици.

Таа се осврна и на животот на браќата Манаки, кои ги означиле почетоците на филмот на Балканот.

„Тие снимале и ги документирале сите настани што се случувале во тоа време. Првиот филм го снимиле во 1905 година и се викал „Баба Деспина“, која всушност е нивната баба која имала 114 години. Снимајќи со камера 300, ја снимиле бабата како преде. Ова се нашите корени, почетоците на филмот. Ова е нашата основа за тоа како ќе се изградиме понатаму професионално“, рече Џиџева.

Во рамки на Офф програмата, секој ден, почнувајќи од денеска па до 29 септември, во Културниот центар „Магаза“ ќе се одржуваат презентации, изложби и работилници.