Photo by Austin Distel on Unsplash

„Фејсбук“ ја промени одлуката и во наредните денови ќе ја укине забраната за објавување и споделување вести во Австралија, јавуваат Гардијан и Би-би-си. Одлуката доаѓа откако австралиската влада се согласи на компромис и прифати амандмани на оспорениот закон од технолошките компании, со кои компаниите што ги поседуваат социјалните мрежи и „Гугл“ мораа да им плаќаат на австралиските медиуми за прикажување на нивните вести.

Минатата недела „Фејсбук“ ги блокираше сите новости на својата платформа во Австралија, при што ненамерно блокираше информации и од владини страници, вклучително и здравствени и итни служби.

Забраната за вести создаде шок во Австралија, која следуваше за време на ескалацијата на тензиите околу законодавството што требаше да ги принуди технолошките гиганти да преговараат за праведна исплата на издавачите на вести за користење на нивната содржина од страна на „Гугл“, „Фејсбук“ и другите технолошки компании.

Министерот за комуникации Пол Флечер денеска објави дека компромис е постигнат додека се дебатира за законското решение во Сенатот. Измените предвидуваат владата да не го примени законот доколку компанијата може да докаже дека потпишала доволен број на договори со медиумските куќи со кои ќе им плаќа за содржината. Исто така, австралиската влада се согласи да им даде временски период во кој компаниите како „Фејсбук“ ќе се усогласат со новите законски прописи.

Најголемата локална медиумска компанија во Австралија, „Најн ентертејнмент“ ги поздрави ваквите амандмани на законот и посочи дека со задоволство ќе ги продолжи разговорите со „Фејсбук“ за комерцијален аранжман околу користењето на нејзините медиумски содржини.

Инаку, покрај „Фејсбук“, и „Гугл“ пред еден месец се закани дека ќе ја отстрани можноста за пребарување содржини за граѓаните од Австралија доколку оваа земја не го повлече законот, со кој Гугл, Фејсбук и другите технолошки компании ќе треба да им плаќаат на медиумите за објавување на нивната медиумска содржина.