Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, против кого Управата за финансиска полиција вчера поднесе кривична пријава за овозможување незаконска исплата на хонорари во износ од 37.750 евра, денеска се огласи со реакција.

Фазлиу порачува дека тој нема одговорност во овој случај, туку дека вината треба да се бара кај неговиот претходник, кој исто така доби кривична пријава вчера за овој случај. Министерот за локална самоуправа објаснува дека пред една година, кога дознал за случајот, им наложил на двете вработени во Министерството за локална самоуправа, кои исто така добија кривични пријави за овој случај, да ги вратат парите што ги зеле како хонорар и дека тие тоа и го сториле.

Дополнително, Фазлиу ги повика и Управата за финансиска полиција и нејзиниот директор да се зафатат со витинскиот криминал, а не да водат политички игри.

„Апелирам до сите релевантни институции во државата, а исто и до Финансиската полиција сериозно да се зафатат со истражување, откривање и документирање на злоупотребите, корупцијата во сите сегменти на државата, без да поштеди ниту поединец, ниту група на организиран криминал.  Крајно време е раководителот на Управата за финансиска полиција сериозно да се зафати со реалните злоупотреби кои се вкоренети во Македонија во последните 20- 30 години, и да не дозволи да стане дел од политичките игри, барајќи криминал таму кадешто не му е место, а затворајќи очи таму кадешто и слепиот гледа реален и организиран криминал“, напиша министерот за локална самоуправа.