Фактоје: „Избледнувањето“ на ветувањето на албанскиот премиер Рама за бројот на вакцини

Количината на вакцини ветени во различни изјави од премиерот нa Албанија, Еди Рама, постојано се намалува. До денеска пристигнале помалку од 10.000 вакцини, бројка што требаше да биде „исцрпена“ до третата недела од јануари, пишува „Фактоје“.

Ветено е пристигнување на 30.000 дози во февруари, но механизмот КОВАКС потврди за Фактоје дека не испратил никаков контингент во првите две седмици од месецот. Во меѓувреме, од 5.000 лица од медицинскиот персонал од првата линија, целосно вакцинирани се помалку од 600 лица. И покрај бавниот процес на вакцинирање на лекарите, владата објави дека започнала да ги вакцинира старите лица во домовите за стари лица, нагласува „Фактоје“.

По пристигнувањето на првиот и вториот контингент на вакцини во Албанија, односно на 11 јануари (975 пријавени дози) и 1 февруари годинава (1.070 пријавени дози), министерката за здравство, Огерта Манастирлиу најави пристигнување на 7.020 дози од договорот со „Фајзер“.

Количината на пристигнати вакцини не е ниту една третина од ветените

На 1 јануари, премиерот Еди Рама рече:

„Вкупно 10.750 дози од овој договор (со „Фајзер “) ќе пристигнат во Албанија на почетокот на третата недела од јануари, други 30.250 дози ќе пристигнат во февруари и другите дози по ред, месец за месец.“

Еден месец подоцна, на 2 февруари, премиерот изјави:

„Во средината на февруари пристигнуваат планираните 10.000 илјади дози и во февруари пристигнуваат уште 30.000 илјади дози. Подготвени сме да ги вакцинираме сите лекари и медицински сестри и да започнеме со вакцинирање на постарите, кои се граѓани од А категорија.“

Заклучно со 16 февруари, бројот на примени дози, според владините извештаи, се покажува дека е 9.016. Овој број одговара на околу 4.500 лица (1 вакцина = 2 дози). Ова бројка е помала од бројот на доктори од првата линија, како што претходно изјавија заменик-министерот за здравство Ракацоли и шефот на Националната ургенција, Братај на 26 февруари, поканети во емисијата „Опен“.

„Со завршувањето на вакцинацијата на првите 5 илјади, со кои се опфаќа медицинскиот персонал, ќе започне вакцинирањето на граѓаните“, рече Братај на 26 јануари.
„Вакцинацијата на граѓаните ќе започне во февруари“, додаде Ракацоли во истата емисија.

Според последниот извештај на Министерството за здравство, од 15.02.2021 година, бројот на здравствен персонал вакциниран со обете дози е помал од 600, додека бројот на оние кои ја примиле првата доза е помал од 700. И покрај бавната вакцинација, владата на 16 февруари објави дека започнало вакцинирањето на стари лица во еден старечки дом во Скадар.

Враќајќи се на нискиот број на пристигнати вакцини, во  споредба со оние што ги вети владата, произлегува дека до денеска сè уште не пристигнале вакцините од нарачаниот контингентот COVAX кои се претплатени.

Фактоје контактираше со COVAX двапати, еднаш на 13 јануари и еднаш на 12 февруари, за да дознае што се случува со процесот на обезбедување вакцини за Албанија.

Од одговорот на COVAX за Фактоје на 13 јануари, се дознава дека првото количество вакцини, во најдобар случај, доаѓа во февруари и опфаќа не повеќе од 3 отсто од потребите на населението. Другиот контингент, повторно во најдоброто сценарио, врз основа на овој одговор, ќе стаса во јуни оваа година.

На 12 февруари, COVAX одговори на Фактоје:

„Се надеваме дека процесот на доставување вакцини ќе започне овој месец“, потврдувајќи дека во првите две недели од февруари испораката на вакцините сè уште не е започната.

Во меѓувреме, и компанијата Фајзер одговори на Фактоје за бројот на дози порачани од Албанија:

„Фајзер и БиоНтек неуморно работат на поддршка на развојот на кампањи за вакцинација низ целиот свет. Брзината и обемот на нашата амбиција да го снабдиме светот со 2 милијарди дози до крајот на 2021 година е исклучително комплексен потфат. Ние ќе ги исполниме нашите обврски за снабдување во согласност со нашите постојни договори – кои секогаш се базираат на испорака на дози, а не на шишиња – и етикетата валидна за секоја земја. Бројот на дози и распоредот на испорака се договорени со владите, како и со албанската влада, деталите остануваат доверливи“, вели компанијата Фајзер.

Фактоје ги следеше чекор по чекор изјавите на премиерот во врска со количините на вакцини што ќе пристигнат во Албанија, и утврди намалување на бројките од јануари до средината на февруари. Фактоје ќе продолжи да ги следи и проверува овие ветувања, според кои, до февруари, ќе пристигнат 30.000 дози на вакцини против ковид-19.