fbpx

ЕУ со порака: На регионалните депонии да работите и воздухот да го прочистите

Властите да спроведат конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, а во Источниот и Североисточниот регион да постане функционален регионалниот систем за управување со отпадот, порачуваат од Европската комисија

-

С.Македонија годинава постигнала ограничен напредок во поглавјето Животна средина и климатски промени, потенцираат од Европската комисија во најновиот Извештај за земјава. Минатогодишните препораки се делумно исполнети, а во нареднава година треба особено да се работи на три точки.

Од Европската комисија бараат наредниве месеци да се искористат за оспособување на регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион, каде веќе подолг период е заглавена постапката за изведба на регионалната депонија што треба да се гради во близина на селото Мечкуевци, Општина Свети Николе.

Мета факт: Безброј датуми и неостварени ветувања за регионалната депонија во Свети Николе

Во целиот сектор за управување со отпад значителен предизвик е имплементацијата, нотираат од Европската комисија. Додаваат дека процесот на затворање на нестандардните депонии во источниот дел од земјава е во тек. Воедно, се признава дека во областа на управувањето со отпад, првиот Национален план за превенција на отпадот за периодот 2022-2028 бил усвоен во септември 2022 година.

Од Европската комисија се особено загрижени и за аерозагадувањето во македонските населени места. Нареднава година треба особено да се работи на спроведување конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, но и на слатководните ресурси на земјава.

„И покрај тоа што загадувањето на воздухот останува главна грижа за големите градови, постигнат е ограничен напредок во мониторингот на квалитетот на воздухот и не беше направен легислативен развој за квалитетот на воздухот во текот на периодот на известување. Автоматската мониторинг мрежа продолжи да се одржува и беше надградена со нова станица која работи во Охрид. Во 2022 година финализирани се катастрите за емисии во воздухот за Кичево, Кочани, Штип, Кавадарци, Гевгелија и Прилеп, додека оние за Велес, Тетово, Гостивар и Струга сè уште се во развој. Плановите за квалитет на воздухот се одобрени за општина Гостивар во февруари 2023 година и за општина Куманово во декември 2022 година“, се наведува во Извештајот на ЕК за 2023 година.

Доаѓа сезоната на загаден воздух – државата и општините глуви за потребата од повеќе мерни станици

Многу повеќе во претстојниот период треба да се работи и во делот на климатските промени. ЕК критикува дека Законот за климатска акција не е усвоен од парламентот, иако во јуни 2022 година беше донесен Националниот план за енергија и клима за периодот 2021-2030 година. Владата треба да работи на спроведување на одредбите од Парискиот договор за климатските промени, како и да го усвои Националниот план за адаптација кон климатските промени.

Мета факт: Сите рокови за усвојување на Законот за климатска акција се пробиени

Европската Комисија во Извештајот бара властите значително да ги зајакнат административните и инспекциските служби во делот на заштита на животната средина.

Државната лабораторија не може да најде вработени за акредитација за мерење на аерозагадувањето

Во однос на хоризонталното законодавство, Северна Македонија треба да ја интензивира работата за да постигне целосно усогласување со Директивите на ЕУ за оценката на влијанието врз животната средина и за стратегиската оцена на животната средина, се наведува во Извештајот за напредокот на земјава за 2023 година.

„Земјата сè уште не се усогласила со Директивата за еколошка одговорност и Директивата за еколошки криминал. Со недостатокот на специјализиран кадар и слабиот институционален и административен капацитет се поткопува контролата на квалитетот и изведбата на проценките на влијанието врз животната средина“, нотира Извештајот на ЕК.

Во делот на управувањето со водите, од земјава се бара да продолжи со усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ. Се нотира напредокот во успешното завршување на тендерот за изградба на скопската пречистителна станица за отпадни води, како и за проектот за канализационата мрежа во Кичево. Од Европската Комисија порачуваат дека треба да се имплементира законодавството поврзано со Директивата на ЕУ за третман на отпадните води.

Кај заштитата на природата, од ЕК нотираат дека допрва треба да се заокружи процесот за определување на Студенчишкото блато, Кањонот Матка, Охридското езеро и Белчишкото блато како заштитени подрачја.

Законот за природата треба допрва да се усогласи со европското законодавство, односно со директивите на ЕУ за живеалишта и диви птици.

„Националните фондови на располагање за заштита на природата се зголемени, но сè уште се далеку од доволни. Недостатокот на одржливо финансирање и административниот капацитет за управување со заштитените подрачја остануваат голем предизвик“, стои во Извештајот на Европската комисија.

Во однос на заштитата на езерата, ЕК констатира дека постигнат е напредок во прекуграничната соработка за заштита на Преспанското езеро на состаноците на паркот Преспа Комитетот за управување и Работната група за управување со води. Сепак, наспроти ова, имплементацијата на препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на Охридскиот регион останува недоволна.

Критика од Европската комисија има и во делот на индустриското загадување и управувањето со ризици, додавајќи дека Законот за индустриски емисии допрва треба да биде усвоен и нема развој во делот на доделувањето интегрирани дозволи. Истовремено, не е направен значаен развој во областа на заштитата од хемикалии и загадувањето со бучава во извештајниот период.

За најзначајните забелешки и препораки од Извештајот на ЕК, Мета.мк на 7 ноември го контактираше Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на тоа како планираат да одговорат на ваквите критики и што предвидуваат да преземат за секој од горенаведените сегменти, но до објавувањето на текстот не добивме одговори на поставените прашања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...