Извор на фотографија: Министерство за здравство

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лаен денеска информираше дека е постигнат договор за испорака на дополнителни 50 милиони дози од вакцината „Фајзер“ со производителот. Со ова, од „Фајзер/Бионтек“ земјите од ЕУ во вториот квартал од годинава ќе добијат вкупно 250 милиони дози од оваа вакцина за имунизацијата на населението, пренесува Јуроњуз.

Таа се заблагодари на производителот на вакцините и посочи дека со ваквиот потег ќе се помогне во консолидација на процесот на вакцинирање во ЕУ. Испораката на овие вакцини ќе започне во текот на месецов. Воедно, Урсула фон дер Лаен додаде дека дистрибуцијата на дополнителните дози од оваа вакцина ќе се одвива пропорционално на бројот на жители на земјите-членки.

Претседателката на ЕК спомена дека досега целосно вакцинирани со две дози се над 27 милиони жители на ЕУ. Над 100 милиони дози на вакцини против ковид-19 веќе биле распределени меѓу земјите-членки.

Покрај вакцината „Фајзер“, ЕУ очекува од „Модерна“ да испорача 360 милиони дози на нивната вакцина, додека од вакцината на производителот „Џонсон и Џонсон“ се очекуваат 200 милиони дози. Сепак, производителите „Џонсон и Џонсон“ и „Астра Зенека“ најавија дека ќе има доцнења во испораката на вакцините за земјите-членки на ЕУ во претстојниот втор квартал од годинава.