fbpx

ЕУ ќе преговара со Македонија со поголем морков и со подолг стап

-

Советот на ЕУ денеска треба да ја потврди завчерашната одлука на Советот на ЕУ за општи работи (ГАК) Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија. Со тоа, Европската комисија добива задача да подготви преговарачка рамка за земјава, а третиот момент во почетокот на преговорите, според вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, е одредување ден кога ќе се одржи конференција меѓу македонската Влада и ЕУ, со што формално почнуваат преговорите. Преговорите ќе се водат по ревидираната методологија која предвидува поконкретни задачи, поголеми награди за реформите, но и построги казни за доцнење или неисполнување.

– Ние вчера добивме одлулка за почнување на преговори, нешто што не можеше да се направи во изминатите 15 години. Според најавите што јас ги имав претходно пред пандемијата, планот за нас беше првата меѓувладина конференција да се одржи некаде во јуни. Бидејќи сега Советот даде мандат на комисијата да направи преговарачка рамка, таа треба да се усвои и да се одржи меѓувладина конференција на која јас како шеф на делегација би присуствувал во Брисел пред земјите членки и би ги презентирал нашите позиции – изјави Османи, и додаде дека поради пандемијата е неизвесно кога и како ќе се одржи првата меѓувладина седница.

Политичката одлука за почеток на преговорите завчера беше одржана преку телеконференциска врска на ГАК, совет составен од министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, а затоа Советот привремено ги смени правилата и процедурите за своето работење. Преку видео-врска се одржа и седницата на шпанскиот парламент на кој беше извршена последната потребна ратификација на пристапниот протокол на МАкедонија во НАТО.

Османи рече дека преговарачките тимови може брзо да се преструктуираат за работа по новата методологија, односно наместо по поглавја, да ги водат преговорите по кластери.

Преговарачката рамка што Европската комисија ќе ја постави за Македонија ќе биде прва според новата, ревидирана методологија за преговори за членство во ЕУ, што беше прифатена на почетокот на февруари. Покрај групирање на 33-те поглавја во шест кластери, методологијата предвидува и стимулативни, но и „репресивни“ мерки за земјата кандидат, односно награди и казни за нејзиното исполнување или неисполнување на зацртаните реформи.

Преговорите можат да бидат запрени, затворени поглавја можат повторно да бидат отворени, фондовите да бидат намалени, а поединечни членки можат дури и да го спречат пристапот на земјата-кандидат до нивните пазари ако не ги исполнува задачите од преговорите, кои сега треба да бидат многу поконкретни и со прецизно утврдени рокови. Спротивно, доколку кандидатот покажува добар напредок, добива поголем пристап до фондови и други поволности.

Според Европската комисија, новата, ревидирана, методологија овозможува поурамнотежен пристап во преговорите и уште посилно ја истакнува важноста на основните реформи. Владеењето на правото станува уште поважна тема во преговорите, а еден од примерите е и борбата со корупцијата, која сега е нагласена во сите поглавја. Посилен е и фокусот на основите на функционирање на демократските институции, реформата на јавната администрација и на економските реформи. Напредокот во основните реформи го одредува текот на целиот процес на преговори.

Реформата на јавната администрација, со новата методологија, добива иста важност како другите основни поглавја – владеењето на правото и економските критериуми.

Промените во методологијата, според ЕК, треба да го подобрат преговарачкиот процес преку групирање на поглавја, појасни критериуми и посилно политичко управување со процесот. Целта, нагласи Комисијата, е да им се помогне на земјите побрзо да ги спроведат реформите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Пратеници, градоначалници, фирми, граѓани – Кој колку пари донирал за кампањата на претседателските кандидати?

Некој по 500 денари, некој по 100.000 денари, а некој по 300.000 денари. Донации за кампањите за претседателските избори пристигнувале од пратеници, градоначалници, членови на партии или пак преку...