Емилија Николовска, учесничка на Европската математичка олимпијада: Сон ми е да работам истражувања

Фото: Доделување медали физика 2021, лична архива

„Се сеќавам пред 5 – 6 години, на натпреварот по математика сакаше да учествува скоро целото мое одделение, а кога бев деветто, учествував само јас. Мислам дека децата се откажаа поради тежината на задачите, обемниот материјал кој не го изучувавме на училиште и немањето интерес“, вели Емилија Николовска, добитник на бронзени и сребрени медали и признанија на меѓународни, домашни и европски олимпијади и натпревари во областа на природните науки и странските јазици.

Емилија има 16 години и доаѓа од Охрид. Ученичка е во втора година во Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Во своето слободно време таа ужива во цртање и долги прошетки проследени со зајдисонце, слуша шпанска и англиска музика, го сака готвењето, а најомилен дел и е кога го вкусува она што самата го направила. Покрај тоа, младата и талентирана учесничка на олимпијади секогаш наоѓа време да се посвети на четирите различни природни науки, а посебен интерес во нејзиното срце зазема астрономијата. Со неа разговаравме на темата за нејзиното учество на олимпијади, процесот на учење и какви се условите за младите надежни ученици кои пројавуваат интерес за изучување на науките во земјава.

Сојузот на математичари на Македонија и оваа година те претстави како кандидат за претстојната Европска женска математичка олимпијада. По минатогодишното учество што за тебе заврши со успех на бронзен медал, како се подготвуваш оваа година? 

Најпрво, селекционен натпревар за Европската Женска Математичка олимпијада е натпреварот Александар Блажевски – Цане, а за да се учествува на него треба да се има награда или пофалница на Јуниорската Македонска Математичка Олимпијада или Македонската Математичка Oлимпијада за учениците од средно образование. Јас оваа година на Македонска Математичка Олимпијада имав бронзен медал, а претходната година имав сребрен медал на Јуниорската Македонска Математичка Олимпијада. Најдобрите четири девојчиња на натпреварот Александар Блажевски – Цане го сочинуваат тимот за Европската Женска Математичка Олимпијада. Минатата година ги совладав основите, а оваа година ќе навлезам повеќе во материјалот. Ќе решавам задачи слични како тие што ги решавав претходната година, но со малку поголема тежина.

Досега се имаш натпреварувано на општинските, регионалните и државните натпревари по математика во земјава, Јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Доха, Катар, Меѓународната Балканска олимпијада по физика, Европска олимпијада по физика, неодамна достигна успех и на Иранската геометриска олимпијада каде освои сребрен медал во средно ниво. На кои други натпревари и по кои предмети (области) имаш учествувано?

Откако бев на Јуниорската олимпијада по природни науки во Катар, ја засакав хемијата и оттогаш учествувам и на натпревари по хемија. Минатата година бев дел од 10-члениот тим што учествуваше на подготовки за олимпијадите по хемија, а исто така и оваа година. На Јуниорската олимпијада по природни науки се здобив со бронзен медал, на Меѓународната балканска олимпијада по физика добив прва бронза (на граница со сребро), на Европската олимпијада по физика добив висока пофалница. Покрај природните науки, на кои најмногу се посветив, имам учествувано и на натпревари по англиски и германски јазик, каде имам освоено награди на државни натпревари. Бев финалист на меѓународниот натпревар по англиски јазик „Hippo“ кој се одржа во Италија и освоив четврто место. Исто така сум добитник на стипендија за B1 курс по германски јазик од Гете Институт, кој требаше да се одржи во Франкфурт, но поради состојбата со пандемијата беше онлајн. Претходната година учествував и на натпревари по информатика. Учествував и на Јуниорската балканска математичка олимпијада во деветто одделение и Европската Женска Математичка Олимпијада, на која имав бронзен медал и повторно ќе учествувам оваа година.

Од колку години започна да земаш учество на натпревари?

Првиот натпревар на кој учествував беше училишниот натпревар по математика во четврто одделение, на кој бев прва во моето училиште. Тоа ми даде поттик да вежбам и да постигнам добри резултати на општинскиот и регионалниот натпревар по математика истата година. Тогаш сфатив дека натпреварите покрај тоа што ми го пополнуваат слободното време и ме мотивираат да научам повеќе, ми предизвикуваат задоволство бидејќи трудот секогаш се исплаќа.

Дали постои посебна случка што ти останала во сеќавање кога прв пат почувствува и забележа дека сакаш математика и природни науки?

Математиката ја сакам уште од многу мала, брзо ги научив броевите и основните операции и секогаш барав нешто повеќе од тоа што го учевме во училиште. Во неа немаше учење на лекции, ако сфатев една задача, ќе ги знаев сите понатаму. Поради тоа и сакав да решавам задачи, доволно беше само да размислувам. Од друга страна, уживав читајќи енциклопедии за вселената и веќе од тогаш физиката ми беше привлечна како наука. Со учеството на натпреварите, сѐ поголемото разбирање на материјалот и изработените експерименти, сфатив дека тие се областите кои сакам да ги усовршам.

Фото: Македонскиот тим на Европската Олимпијада по физика, лична архива

Што правиш во слободно време, како ги распределуваш училишните обврски и подготовките за натпреварите и остатокот од времето?

По училиште, веднаш ги пишувам домашните и ги учам лекциите за следниот ден. Потоа, вежбам физика, математика, хемија или информатика, проблеми како што има на натпреварите или прашања што ми се чинат интересни. Ако завршам порано со решавањето на одреден број задачи, кој си го задавам уште пред да започнам, гледам некоја серија или излегувам со другарите и другарките. Секогаш си го организирам времето најмногу што можам, за поефикасно да ги завршам сите обврски и сепак да имам слободно време за одмор.

Како изгледа твојот процес на подготовка за еден натпревар?

Најпрво, потребно е да се има желба да се учествува и одлучност да се вежба. Спремањето не започнува непосредно пред натпреварот, туку вежбам и преку лето, а и во текот на училишната година. На почетокот на припремите, го поминувам материјалот, внимавајќи да не оставам нејаснотии. Јас ги решавам задачите кои се паднале претходната година на крај, за откако ќе го поминам целиот материјал, да проверам што сум научила, нешто како пробен натпревар. Ако имам уште време, вежбам задачи од натпревари слични како тој на кој ќе учествувам или го повторувам она што веќе сум го поминала. На денот пред натпреварот, секогаш одмарам, за сѐ она што сум учела да ми легне и наредниот ден да сум одморена и сконцентрирана. Неопходно на денот на натпреварот за мене е чоколадото, кое ми ја подобрува концентрацијата и расположението, како што викаше мојата наставничка по математика од основно.

Фото: Подготовки за натпревар, лична архива

Како повеќекратен добитник на медали, награди и признанија какво е твоето мислење во врска со тоа дали државата нуди доволна поддршка за учениците кои се натпреваруваат во областа на знаењето и науките?

Јас мислам дека пред сѐ, има проблем во училиштата, кои ретко се снабдени со хемикалии и инструменти за практична работа и експерименти. Тие мене најмногу ме мотивираа да се заинтересирам за науките, а и тешко е да се решаваат експериментални задачи без истите да се изработат. Додека се патуваше, често моравме да бараме спонзорства за плаќање на авионските карти и другите трошоци, иако последните две години, сите натпревари и олимпијади беа онлајн, па немавме такви проблеми. Сепак, здруженијата (како ДФРМ, СММ, СХТМ, ЗИМ итн.) кои ги организираат натпреварите, се залагаат за покривање на овие финансиски трошоци колку што можат, а воедно и за ширење на интересот за науките. Сметам дека подобро финансирање на овие друштва, но и на талентираните ученици индивидуално, би далo позитивен исход. Во секој случај, државата дава одредени парични средства кои се од помош.

Што би му препорачала некому кој е на работ да се откаже од учествување во натпревари на знаење?

Се сеќавам пред 5-6 години, на натпреварот по математика сакаше да учествува скоро целото мое одделение, а кога бев деветто, учествував само јас. Мислам дека децата се откажаа поради тежината на задачите, обемниот материјал кој не го изучувавме на училиште и немањето интерес. На секој што помислил да се откаже, би го советувала да не го прави тоа. Така трудот кој дотогаш го вложил не би можел целосно да го искористи. И покрај стресовите и времето поминато решавајќи, има повеќе причини зошто да не се откаже: незаменливото чувство кога ќе постигне успех знаејќи дека дал сѐ од себе, патувањата во земји низ целиот свет, знаењето кое најверојатно не би го стекнал во училиште, но и едно од најважните според мене, многуте нови другарства. Некои од моите најдобри другари и другарки ги запознав токму на натпреварите, олимпијадите и подготовките за нив. Си помагаме едни на други, се надоградуваме и си даваме меѓусебен поттик, а тоа е нешто што мене особено ми значи. Натпреварите никако не треба да бидат обврска или присилна активност, напротив, треба да учествуваме бидејќи сакаме.

Кои други науки ги сакаш?

Освен математика и хемија, особено ја сакам астрономијата како дел од физиката. Отсекогаш сум сакала да ги истражувам небесните тела, другите планети и ѕвезди и да откријам што сѐ има во универзумот. Често гледам емисии на телевизија за некои прастари народи или градби, па сакам и праисторија.

Каде сакаш да го продолжиш своето високо образование и што би сакала да правиш понатаму?

Би сакала да аплицирам на факултетите во Велика Британија и Америка како Кембриџ, Оксфорд, МИТ, Харвард итн. Сакам да студирам нешто поврзано со физика и математика, можеби и астрономија и се надевам дека ќе стигнам и до докторат во некоја област. Сон ми е да работам во истражувачки институт, каде би можела да го откривам неоткриеното и да го искористам сето знаење што го имам.

Што е следно за тебе?

Најпрво, следат општинските натпревари и некои селекциони натпревари, од кои потоа на ред доаѓаат регионални, државни натпревари и меѓународни олимпијади. Ќе дадам сѐ од себе да ги исполнам своите соништа и цели и никогаш да не се предадам. Сакам да направам нешто значајно и се надевам дека ќе успеам, а за тоа би сакала да им се заблагодарам на моето семејство, моите другари и другарки, моите ментори и сите професори и наставници за нивната поддршка, помош и знаење кое ми го пренесуваат.