fbpx

Експертската јавност се вклучува со анализи и предлози за „чистење“ на непрецизните делови од Предлог-законот за буџети

-

Во текстот на Предлог Законот за буџети кој го регулира целокупниот систем на управување со јавните финансии во државава, постигнат е голем напредок во однос на сегашните законски одредби, но следува период во кој треба да се дефинираат некои нецелосни одредби и делови, некои треба да се надминат, а некои да се избегнат. Во спроведената досегашна анализа на Законот само се допрени темите за кои се потребни уште пошироки дебата, а на крајот, деталната анализа на Законот ќе ја направат ЗМАИ, Здружението за истражување и анализи и Фондацијата Отворено општество, за потоа да се сподели јавно како и со Владата и со Министерството за финансии. Тоа го оцени Виктор Митевски, директорот на ЗМАИ на јавната дискусија за Предлог-Законот за буџети, што ја органиизра ЗМАИ и Фондацијата Отворено општество – Македонија, а беше поттикната од интересот на новото законско решение на ЕНЕР поради важноста за целокупниот систем на управувањето со јавните финансии.

Според Митевски, следуваат уште уредби и подзаконски акти на овој Предлог закон, кој, иако се очекува да стапи во сила во 2023 година, одредени делови од него можат да се имплементираат и да се применуваат порано од предвидениот рок.

„Текстот во преложеното, ново законското решение е значително подобрен од она што сега го имаме, но има доста недоречености и е оставен уште простор за негово подобрување. Ќе се задржам на коментари во 4 дела од Законот, тоа е транспарентност и отчетност, планирање на буџети, извршување на буџети и други сродни елементи“, рече Митевски.

Тој објасни дека транспарентоста е на високо ниво и е за поздравување, но таа на долг рок треба да е поврзана и со отчетност, како дел од принципите на фискалната стратегија. Иако нив ги има во текстот на Законот, според него, тие треба да се дефинираат и да се вклучи особено менаџерската отчетност, како контролен механизам. Во делот на транспарентноста и вклученоста на граѓанскиот сектор, добро е Министерството за финансии да размисли да ги дефинира членовите за објавување на јавните извештаи во отворена форма, а тоа истото да важи и за единиците на локалната самоуправа.

„За пофалба се фискалните принципи и правила, при што принципите се поставени на добра основа, но правилата не, а тоа е битно со влегувањето на РСМ во ЕУ. Фискалните правила треба да биде обезбедат правила на среднорочно планирање, систем на управување на јавните финансии и одржливоста, со следење на македонските услови и на меѓународните пракси и стандарди“, посочи Митевски.

Фискалниот совет, според анализите, кој е развиен со консултација на ММФ, е прифатлив и тој ќе има коректив од три независни тела, но камен на сопнување во овој совет се критериумите по кои ќе се избираат. Членовите треба да се експерти, но треба да може и други лица да се вклучат, како граѓанскиот сектор, и да се дефинираат критериумите за работа. Иако фискалниот совет е независно тело, тој ќе треба некаде да припаѓа и биде дел од некоја институција, се забележува во анализите на ЗМАИ и Фондацијата.

За да се подобрат механизмите за вклучување на граѓанскиот сектор во изготвувањето на буџетот, треба да се подобрат механизмите на негово вклучување и флексибилноста и да се постави рамка, каде, кога и во кој процес тој треба да биде вклучен.

„Треба да се надмине праксата на ат-хок решенија, а секој стратешки документ да се прилагодува. Затоа фискалната стратегија повикува да се носат фискални правила и преку среднорочни планови да се обезбеди неизвесноста во економијата да биде што е можно помала“, изјави Митевски. Тој додаде дека е потребно единиците на локалната самоуправа да не добиваат финансии доцна, за што треба Министерството за финансии да најде механизни во иднина да не е така, затоа што тоа е врзано со одговорното работење на локалната самоуправа. Исто така, треба да се надмине 20 годишната пракса во системот со управување со јавните финансии, согласноста за вработувањата да ги дава Министерството за финансии.

Според Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка во Фондацијата Отворено општество Македонија, преку јавните дебати треба да се приближат до граѓаните јавните трошења и затоа е многу важно Министерството за финансии да го вклучи граѓанскиот сектор во сите фази на планирање и креирање на буџетите и на јавните трошења. „Во таа смисла е неопходно во составот на фискалниот совет да бидат и граѓанските асоцијации, покрај експертите“, рече Каранфилова Пановска.

Димитар Ковачевски, заменик министер за финансии, посочи дека во изминатиот период се обезбеди навремена исплата на обврските од буџетот, а според Законот за буџети обезбедено е среднорочно планирање на приходите, на буџетското салдо и на јавниот долг, изготвени се и упатства, прирачници, обуки и тренинзи за да може да се примени новата законска регулатива во пракса. Според него, Министерството за финансии со Светска банка и ЕУ ќе продолжи да работи на зајакнување на извршувањето на буџетот и на подзаконските акти, како неопходен дел на новиот Закон за буџети, со цел подобрување на системот со управување со јавните финансии.

„Во наредниот среднорочен перид ќе се работи на унапредување на буџетското салдо, поттикнување на активностите преку капитални расходи и инвестиции во инфраструктурата и подобрување на услугите за водење на бизниси и отворање нови работни места. Ќе се продолжи со дисциплинирање буџетските трошоци и контрола на помалку продуктивни трошоци, за сметка на вложувања во капитални проекти. Фискалната политика ќе обезбеди етапна фискална консолидација со постепено намалување на нивото на дефицитот, што се едни од основните постулати новиот закон за буџети“, изјави Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...