Фото: Арбнора Мемети

И покрај фактот што законскиот рок од една година за функцијата вршител на должноста (в.д.) претседател на Врховниот суд помина, Судскиот совет сè уште нема објавено оглас за нов претседател на највисокиот суд во земјата, кој сега веќе една година го води Фаик Арслани, откако Јово Вангеловски беше разрешен од должноста поради непрофесионално и неодговорно работење во службата, пишува „Порталб.мк“.

Претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца-Николовска за „Порталб.мк“ објаснува зошто е потребно што е можно побрзо да се избере нов претседател на највисокиот суд во земјава.

„Многу е важно да се избере претседател на Врховниот суд, а не на чело на тој суд подолго време да биде вршител на должност, бидејќи тоа на некој начин може да влијае врз работата на судот или предметите“, вели Цаца-Николовска, која била и судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Според неа, неопходно е и мора што побргу да се избере претседател на законски начин кој ќе ги преземе сите обврски, одговорности и надлежности на претседателот.

„Самото име покажува дека е вршител на должност и дека не е претседател, во таква позиција, тој треба да одлучува за итни работи, или за работи што се неопходни во тој момент. Значи, тој е за сите оние работи што би влијаеле на редовната работа“, вели таа.

Во меѓувреме, пред Уставен суд продолжува постапката за преиспитување на разрешувањето на судии, меѓу кои е и Вангеловски, и сè уште нема донесено одлука за истите. На последното рочиште, иницијативата против стариот и непостоечки закон (затоа што има нов) не беше отфрлена.

Сепак, поранешната судијка на ЕСЧП, исто така нагласува дека каква било одлука да донесе Уставниот суд, Вангеловски не може да се врати на позицијата претседател на Врховниот суд.

„Има постапки пред Уставниот суд, колку што знам дека станува збор за тоа дали има или нема ефективен правен лек, сепак било каква одлука да усвои Уставниот суд, истата нема да може да влијае толку многу на евентуалниот избор на претседател на Врховниот суд, или на враќањето на Јово Вангеловски на позицијата претседател. Затоа мислам дека сега тие можат одговорно да пристапат кон избор на претседател“, вели Цаца-Николовска.

Но, претседателот на органот што треба да го објави огласот, односно Судскиот совет, Киро Здравев вели дека ќе истиот биде објавен наскоро, без да прецизира време.

„Секако во иднина ќе одлучиме на седница за избор на нов претседател, чекаме в.д. претседателот да ги заврши работите и ќе објавиме“, вели Здравев за „Порталб.мк“.

Судскиот совет претходно вети дека ќе објави оглас по парламентарните избори на 15 јули, но не го стори тоа.

Разрешувањето на Вангеловски и доаѓањето на Арслани

Од 10.09.2019 година, позицијата в.д. претседател на највисокиот суд во земјава и понатаму ја држи Фаик Арслани. Законски, Арслани има право да ја извршува оваа функција до една година.

Судскиот совет на седницата одржана на 10.09.2020 едногласно го разреши претседателот на Врховниот Суд Јово Вангеловски за непрофесионално и неодговорно работење. На истата седница беше разрешена и врховната судија Рахилка Стојковска – и двајцата заради одлуката што ја усвоија, а со која беше поништен притворот за Сеад Кочан, обвинет во случајот „Труст“ со што му овозможија на истиот да не оди во притвор.

Вангеловски поднесе жалба, но Врховниот суд ја отфрли жалбата како неоснована, а со тоа ја потврди одлуката на Судскиот совет. Со оваа одлука, Вангеловски беше и официјално разрешен.

Услови за избор на нов претседател на Врховниот суд

Според Законот за судови, претседателот на судот се избира меѓу судиите во Северна Македонија, исто како што се избира судија во соодветен суд, во овој случај во Врховниот суд.

Претседателот на Врховниот суд се избира со мандат од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција за уште четири години.

За претседател на судот се избира судија кој во последните две години е оценет од Судскиот совет со повисока позитивна оценка, и согласно законот да има поголем број бодови во споредба со другите кандидати.

Претседателот на Судот има статус и функција на прв судија во соодветен суд. Кандидатот за претседател на Судот, во поднесокот и другите документи, доставува програма за работа на судот за време на неговиот мандат.

Огласот за избор на претседател на судот го објавува Судскиот совет на Северна Македонија два месеци пред истекот на мандатот на претседателот во заминување. Од објавените кандидати кои ги исполнуваат потребите и условите, Судскиот совет избира претседател на судот најдоцна два месеци по објавување на огласот.