ЕК извештај: Новинарите сè повеќе напаѓани и изложени на самоцензура, медиумите финансиски неодржливи

Фото: Engin Akyurt, Pixabay

Општиот контекст останува поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите и покрај сериозните наоди кои се дел од овој извештај. Посебно влијание на работата на новинарите имаше кризата предизвикана од ковид-19 каде беше зголемена тензијата во секторот. Нападите кон новинарите се зголемија а ветената нулта толеранција не се оствари зошто степенот на неказнивност остана висок, се нагласува во Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија за изминатата година.

Делот за медиумите во Извештајот, што на македонски јазик го приопшти ЗНМ, нагласува и дека „реформите кои се ветуваа во МРТ и Агенција за медиуми останаа уште една година нереализирани. Уште еден заклучок е дека потребно е да се продолжат напорите за прифаќање на саморегулација во медиумите кои би биле проследени со конкретни резултати и кои би ги задржале професионалните стандарди на новинарството, како и тоа да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии“.

Извештајот понатаму порачува дека властите треба да ги зголемат напорите за реформа на МРТ, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост.
„Буџетот на МРТ е 13,1 милиони евра и тоа е најнискиот буџет во последните десетина години кои го има овој медиум. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат поради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои имаат истечен мандат“, се вели во извештајот

Посебно внимание е обрнато на кризата со ковид – 19. Во Извештајот се нагласува дека медиумите беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите се уште остануваат сериозен предизвик. Финансиската одржливост на медиумите и расположливото финансирање продолжуваат да ја зголемуваат загриженоста за интегритетот и независноста на медиумите. Потребни се дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство.

Здружението потсетува дека во делот на заканите и насилството врз новинарите потребно е спроведе пристап за нулта толеранција во врска со заплашување, закани и акти на насилство врз новинарите во остварувањето на нивната професија и да се обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Случаите на физичко и вербално насилство и закани кон новинари и медиумски работници се зголемија, додека нивните работни услови, особено работничките и социјалните права, остануваат тешки“, се вели во извештајот.

ЗНМ обрнува внимание на статистиката во врска со напади врз новинари.

„Во 2020 година во Министерството за внатрешни работи се регистрирани 10 случаи на заплашување на новинари, додека ЗНМ регистрираше 2 физички напади и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања. На почетокот на 2021 година, исто така, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана. Се препорачува органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство да ги следат инцидентите со новинари, но потребна е подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите. Се предлагаат нацрт – измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници“, нагласува ЗНМ.