Фото: Бојан Блажевски

Македонската радио-телевизија (МРТ) ја објави Петгодишната стратегија за развој на јавниот сервис за периодот до 2025 година. Неколку значајни новини предвидува МРТ во нејзиното работење во наредните пет години, со кои се надеваат дека јавниот сервис ќе има многу поголема улога во општествениот развој и севкупните случувања во земјава.

Планиран е натамошен развој на дописничката мрежа на МРТ од земјава, која најнапред треба да ги снабдува со информации и вести од регионите постојните програмски сервиси, а во подоцнежната фаза секој дописнички центар би имал сопствени простории, по тројца новинари, двајца камермани и монтажер, кои би подготвувале самостојни програми, отворени програми и преноси на настани. МРТ планира во периодот до 2025 година да отвори и дописнички центри во Вашингтон, Брисел и други градови во кои се случуваат најважните меѓународни настани.

Меѓу најзначајните обврски што си ги презема јавниот сервис е и отворањето на Едукативен центар, во кој ќе се ангажираат најквалитетните кадри од телевизијата и радиото, кои во првичната фаза ќе ги обучуваат нововработените новинари, а потоа оваа активност би ја прошириле и на надворешни кадри.

„Со воведувањето на Едукативниот центар на МРТ, јавниот сервис ќе има гаранција за добро едуцирани новинарски кадри, кои на крајот на обуката ќе бидат покрај стручноста во презентирањето на информациите пред гледачите и слушателите на МРТ, ќе бидат едуцирани и за медиумската писменост“, се наведува во Петгодишната стратегија за развој.

МРТ во наредните пет години планира да го зголеми присуството на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер, како и да изврши мултимедијално поврзување на веб сајтот со Јутјуб каналот. Во функција на ова, предвидено е поврзување на дескот на радиото, телевизијата и веб сајтот во производство на универзални мултимедијални програмски содржини.

„Во времето кога на интернет се појавуваат секакви информации, лажни вести и информации со спротивставени ставови и погледи, јавниот сервис може да се наметне во конкуренцијата кај новите медиуми како извор на информации кои се пласираат навремено, брзо, со задоволителен квалитет и со веродостојност и вистинитост“, се вели во Петгодишната стратегија за развој на МРТ.

Во делот на развојот, МРТ планира уште годинава да започне со целосна реконструкција на објектот на Македонското радио, како во делот на санација на студијата и изведба на океански простории за вработените, така и во однос на дигитализацијата на радиото со комплетно нова опрема за работа.

Инаку, Петгодишната стратегија за развој на јавниот сервис беше изработена во изминативе неколку месеци, за што беа организирани и јавни дебати. Предлог-верзијата на документот беше објавена во октомври 2020 година, беше организирана и стручна дебата, а на 19 март годинава Програмскиот совет на МРТ со 9 гласа „за“ и 3 „против“ го усвои стратешкиот документ за нејзиниот развој.